Судот на Босна и Херцеговина му одреди едномесечен притвор за директорот на Американскиот универзитет под сомнение за издавање фалсификувана диплома за високо образование на директорот на Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА) Осман Мехмедагиќ Осмица, што дополнително ја загрози позицијата на првиот разузнавач таму.

Покрај директорот на Американскиот универзитет во Тузла, Денис Прчиќ, кој беше уапсен кон крајот на минатата недела, на неговата соработничка Мелиса Белкиќ – Мујкановиќ и беше одреден едномесечен притвор, додека на нејзиниот сопруг Емир Мујкановиќ му се одредени мерки забрана да се сретнува со сведоци и да посетува одредени локации .

Во понеделникот, медиумите во БиХ известија за деталите кои за одредувањето на притвор ги изнел државниот обвинител Олег Кавка откако видеото од рочиштето стана јавно достапно.

Тој рече дека првиот човек на ОСА, Осман Мехмедагиќ, прво доставил невалиден индекс со цел да се запише и дипломира на Универзитетот за деловни студии во Бања Лука, а откако Инспекторатот на Република Српска му ја поништил дипломата во 2019 година, тој се најде во безизлезна состојба.

Затоа се запишал на Правниот факултет во Кисеjак, од кој се отпиша неколку месеци подоцна.

Во меѓувреме, му беше издадена диплома од Американскиот универзитет, за која обвинителот Чавка вели дека е фалсификувана. Откако парламентарната Комисија за надзор над работата на ОСА БиХ побара испорака на валидна диплома, Мехмедагиќ достави документ од Американскиот универзитет, но означен како доверлив.

„Тој јавен документ го означил како таен, што не е дозволено, се со цел да спречи откривање на стореното злосторство“, рече обвинителот Чавка.

Во истрагата што ја водеше, државниот обвинител додаде дека директорот на Американскиот универзитет одбил да соработува со полицијата во истрагата на тој случај.

Обвинителот исто така изјави дека директорот Прциќ и двајцата соработници Мелиса Мујкановиќ и нејзиниот сопруг Емир извадиле две картонски кутии со документи од универзитетот и откинале одредени страници од документите, очигледно за да ги прикријат доказите против Мехмедагиќ.