Убедена сум дека иднината на Западен Балкан лежи во вистинска обединета Европа, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел, по повод претстојниот виртуелен самит од Берлинскиот процес, закажан за понеделник, на кој домаќин е Германија.

Меркел, во видео порака кажа дека е среќна што ќе продолжи да работи со шефовите на држави и влади на Западен Балкан, процес што беше почнат во 2014 година, како Берлински процес, на иницијатива на Германија.

„Западен Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тоа е дел од Европа, каде раните од војната се уште не се залечени, а голем број граѓани од таа област живеат и во Германија. Јасно ми е дека земјите од ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западен Балкан. Ние сме одговорни практично да се залагаме за развој во тој дел на Европа“, нагласи Меркел.

Таа истакна дека она што долго време се сметаше за невозможно, конечно е можно, а тоа е размена на студенти од различни религии и етникуми.

 

Меркел посочи дека се уште има многу предизвици на Западен Балкан, дека недовербата и национализмите не исчезнале, а билатералните спорови можат да се разгорат во секој момент, поради што е потребно помирување. Тоа, вели таа, значи надминување на минатото и правење на се’ што е можно за идните генерации да живеат во мир.

makfax.com.mk