Генерал-мајор Мухамед Багери, началник на Генералштабот на иранската армија денеска изјави дека во нападите што синоќа беа извршени против Израел, цел била воздухопловната база Неватим.
Си-ен-ен пренесува дека Багери за телевизијата ИРИНН изјавил дека на почетокот на април Израел од таму извршил напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, кога биле убиени командантите на Револуционерната гарда.
Багери изјави дека токму затоа во синоќешната „операција“ била цел базата Неватим од која полетале борбените авиони Ф-35 користени во воздушниот напад во сириската престолнина.
Американската телевизија го цитираше Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили (ИДФ), дека иранските балистички ракети кои стигнале до Израел паднале врз база лоцирана на југот на земјата и предизвикале само помала структурна штета.
– Базата функционира и продолжува со операциите по нападот, а авионите продолжуваат да ја користат базата, рече Хагари.
Багери рече дека целта на иранската операција бил „голем информативен центар“ во близина на границата на Израел со Сирија.