Неколку наши фудбалери во последните десетина години имаа можност да бидат дел од големите европски екипи, па макар и на кратко, односно да одат на проба или да тренираат со нив. Но, никој од нив не потпиша перманентен договор со тие тимови. „Спортмедиа“ ви претставува дел од нив.

Александар Трајковски на свои 17 години беше дел од Челзи, каде што одигра за младинците на овој тим на еден турнир, и успеа да го освои. Трајковски добро се покажа, но не е познато што се случи, односно зошто не дојде до договор. Нашиот сегашен репрезентативец сега е дел од Мајорка, а во минатото беше дел од Интер Запрешиќ, Зулте Варегем и Палермо.

Христијан Денковски тренираше еден период со холандскиот гигант Ајакс. Фудбалерот како голем талент замина во тимот од Амстердам, а потоа беше дел од Гронинген. Но, следуваше вртоглав пад, па дојде до Вардар, играше малку и во Беласица пред да замине во Индија.

Дел од големиот Интер беа Јани Атанасов и Кристијан Трапановски. Одиграа и турнир и го освоија, но никогаш не станаа дел од овој тим. Атанасов сега е дел од Бурса, Трапановски, пак, е дел од Славија Прага, но како позајмен игра во други чешки тимови.

Валентин Кочовски беше дел од тренинзите на италијанскиот гигант Наполи, додека неговиот соиграч од Академија Пандев Курт Реџеп, пак, се проба во Фиорентина, но двајцата сменија само неколку македонски клубови, и никогаш не излегоа од границите.

Зенит се интересираше за Дарко Велковски. Сегашниот играч на Риека и репрезентативец одигра и натпревари за рускиот гигант, но никогаш не потпиша за овој тим. Инаку Велковски во минатото беше поврзуван со многу звучни клубови како Интер и Ливерпул, но до трансфер не дојде. После Работнички играше во Вардар пред да замине во Хрватска.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Малку со Милан тренираше Александар Стојанов. Тогашниот струмичанец мина неколку тренинзи со италијанскиот гигант и тоа во славните денови на „црвено-црните“ од Милано, меѓутоа не успеа да го најде својот пат меѓу „ѕвездите“.