НОВ СОБРАНИСКИ СКАНДАЛ: По неуспешното гласање за законот за ЈО, Џафери прогласи дека е ИЗГЛАСАН

16.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
НОВ СОБРАНИСКИ СКАНДАЛ: По неуспешното гласање за законот за ЈО, Џафери прогласи дека е ИЗГЛАСАН

Откако првичното гласање на кое имаше 74 гласа за и 32 против, беше поништено, пратениците во второто гласање со точно 80 гласа за го донесоа Законот за јавно обвинителство.

Во второто гласање имаше 6 гласа против, а ВМРО-ДПМНЕ почна да извикува „мафија“ и побара првичното гласање да се прогласи за неупешно и да се констатира дека законот не е донесен.

Спикерот Џафери рече дека првичното гласање било поништено бидејќи имало пријавени пратеници за процедурално и дел од пратениците се побуниле дека гласот не им бил регистриран, и го прогласи Законот за усвоен по второто гласање.

– Срамота е ова што го правите. Криминалци. Ви побарав процедурално додека се обраќаше колегата Мухиќ и вие тоа го занемаривте. Немате право да повикате на поединечно гласање. Барам да кажете дека гласањето е неуспешно. Се понатаму што правите е кршење на Уставот, му рече Мицевски на спикерот Џафери и побара еден час пауза.

По ова е дадена пауза од еден час во Собранието. Расправата за законот заврши во петокот,  а гласањето беше оставено за денеска на последниот ден кога треба да се распушти Собранието поради парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април. Законот беше камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. Работни групи од двете партии во изминатиот период одржуваа повеќе состаноци, но немаше заеднички решенија, по што беше организирана и јавна расправа во Собранието на која учествуваа и правни експерти.

Потоа повторно се одржуваа работни состаноци во проширен состав со повеќе парламентарни партии кои дадоа свои забелешки по што законот беше ставен на собраниска седница. Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, на која ова е и последен пратенички мандат, во процедурална забелешка им порача на идните пратеници секогаш кога ќе носат одлуки да мислат на државата и на македонските граѓани.
 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата