Кој не ја дишел Максим Горки, не ни знае што е Скопје

5.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кој не ја дишел Максим Горки, не ни знае што е Скопје

„На почетокот поле, потоа куќи… улица, луѓе и сеќавања – носталгии. Овие генерации ја помнат како улица „Гоце Делчев“, одамна е заборавена како „Жупан Вилдовиќ“, „Позоришна“, „Престолонаследник Петар“. Некој ја растури и ја нарече „Максим Горки.“ -  Живко Поповски

Настанокот на оваа улица се врзува со првите урбанизации на градот, а својата физиономија таа ја добива на почетокот на дваесеттиот век. Нејзиното конечно оформување е дело на повеќе автори кои до почетокот на  Втората светска војна делуваат во состав на првите проектантски бироа. Силен печат врз карактерот на оваа улица ќе остави архитектот Иван Артемушкин, кој во тоа време има значајни остварувања во градот. Изборот на типот на куќите за живеење ќе го направи тогашната клиентела – граѓанската класа, која ќе го „позајми“ веќе развиениот европски модел на градска куќа.

Секој град има многу улици, кои се наречени со најразлични интересни имиња, главно поврзани со конкретно име и презиме на некој поет, писател, уметник, научник...или, пак, интересен збор што отсликува некое дамнешно време. На секоја улица граѓаните живеат и се соживуваат со конкретниот урбан простор, па затоа не случајно за секоја улица се поврзани најразлични животни приказни.

И старите скопски улици имаат своја душа и шмек, но, во зависност од временскиот период за кој се раскажува, нив ги карактеризираат најразлични специфичности. Една од најстарите улици во градов е поранешната мала затворена (слепа) уличка "Гоце Делчев", а потоа улица "Максим Горки".

Нејзиниот почеток е од улицата "Даме Груев" , а завршува , односно се спојува со плоштадот “Македонија". Улицата “Максим Горки" е дел од централното градско подрачје и не случајно на неа се наоѓаат голем број познати стари згради и објекти, изградени во средината на 20-тите години на 20 век .

Од далечната 1965 година на оваа улица се наоѓа познатата скопска гостилница "Јоле". Нејзин сопственик е крушевчанецот Јован Новаковиќ, познат меѓу народот како реномираниот угостител чичко Јоле. Како човек што секојдневно работи на улицата “Максим Горки" број 18, за Вечер ја отвори душата и проговори за просторот во кој работи речиси четириесет години и да се присети на неговите некогашни соседи.

БЕРБЕРНИЦА - Некогашниот секретар на ЦК на СКМ, Ангел Чемерски, беше наш редовен посетител, а отспротива се потстрижуваше и бричеше кај најпознатиот скопски бербер, мајстор Цафуле. Берберницата се наоѓаше на почетокот на оваа улица, на спротивната страна од мојата гостилница и секогаш беше место каде што се собираа старите угледни скопјани, го започна своето носталгично раскажување чичко Јоле, како што милува да го нарекуваат.

"Во тоа време на улицата имаше и неколку кројачи, а најпознат меѓу нив беше мајстор Кочо. До неа се наоѓаше една пиљарница, од каде жителите редовно се снабдуваа со потребните прехранбени продукти. Скопјани го паметат и еден од најмодерните дуќани во седумдесеттите години, бутикот "Грација", каде што угледните граѓани можеа да се снабдат со облека по светски терк", вели тој .

Но, за жал, објаснува чичко Јоле, дуќанот го уништиле пламените јазици и по токлу години на запуштениот простор се изгради нов објект. На ул. "Максим Горки" многу години работел познатиот дуќан за кори и кадаиф каде што покрај скопјани редовни купувачи се и граѓани од внатрешноста на земјава.

Во непосредна близина на овој дуќан работеше и печатницата "Гоце Делчев", што ја разурнаа за да прават хотел, а уако многу години поминаа сега имаме само еден грд објект кој со години е во градба, раскажува чичко Јоле.

"Гледам дека се покрива со некои платна, но тоа не е соодветно решение", смета тој. Пред триесетина години, иако ул. "Максим Горки" беше централна градска улица, сепак, беше мирно место за живеење. По неа во тоа време немаше сообраќај. За жал, денес е многу фреквентна улица, тука, буквално, нема каде да се паркираат автомобилите. На местото каде што беа повеќето паркиралишта секојдневно никнуваат нови објекти. "Така, пред Фудбалскиот сојуз на Македонија имаше три паркинг-простори, а денес се изградени нови згради кои го задушуваат просторот на улицата", смета чичко Јоле.

ПИВНИЦА - Стариот скопски угостителски објект, наречен "Пивница" постои повеќе од 50 години на ул. "Максим Горки", а е популарен некаде од 60-тите години. Од пред десетина и повеќе години локалот е реновиран и гордо се носи со новите времиња. Пивницата е актуелна како и порано, а нејзини гости се голем број млади и стари посетители. На просторот на овој локал старите скопјани велат дека порано имало боемски ресторан каде биле поставени маси на тротоарот и таму се седело по цел ден.

Во продолжение некогаш следуваа млечниот ресторан на Велевци, фурната “Југославија", продавницата за сувомесни производи “Глигориевиќ” и слаткарницата "Пчела".

"Од десна страна на ул. "Максим Горки" се наоѓал и стариот дуќан на "Жито Лукс", поранешна “Ванила", а до него порано имаше слаткарница, каде што покрај бараниот сутлијаш со цимет, се служеше и алкохол", вели чичко Јоле. Пред да се изгради градскиот ѕид, во почетокот на седумдесеттите години тогашната улица "Гоце Делчев" по малку изгледаше пусто. Во тоа време се присеќава чичко Јоле, на адреса со број 19 живеел негов колега познат стар келнер, но и инженерот Зисиќ, кој бил ангажиран околу изградбата на скопскиот хемиски гигант фабриката "ОХИС".

Во непосредна близина се сеќавам се наоѓаше и куќата на Благој Попов, познатиот стар скопјанец Бодо, коишто секогаш наоѓаа време да навратат на муабет во мојата кафеана, објаснува тој. Одамна тука беше лоциран и салонот за мебел на "Треска". Во истата зграда каде што е гостилництата "Јоле" се сместени и просториите на Клубот на писателите, којшто е основан веднаш по ослободувањето.

Инаку, оваа куќа била изградена непосредно пред војната од некој познат српски адвокат. "Приказната ми ја раскажа покојниот артист Тодорче Николовски, кој беше мој редовен гостин", објаснува чичко Јоле. Но адвокатот заминал кога почнала Втората светска војна, а по ослободувањето неговата куќа е национализирана.

Улицата “Максим Горки" завршувала со некогашното бистро "Сквер" кое било омилено сврталиште на скопјани и боемите. Посетителите на “Сквер" имале прекрасен видик на целиот Плоштад, срцето на Скопје. Подоцна на овој простор била сместена познатата продавница “Кооператива" , а сега таму работат култните кафе ресторани Тренд и Лондон. Над “Сквер" гордо се издигал хотелот "Македонија".

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата