Капитенот на нашата фудбалска репрезентација, Горан Пандев, денеска имаше уште еден меч за паметење. На гостувањето кај Лече, постигна фантастичен гол за водство од 1:0, изнуди пенал, но во вториот дел брзо заработи два жолти картони и мораше принудно да го заврши мечот предвреме.

Во изјава за „Спортмедиа“, Гранде Пандев вели дека денешниот гол на „Виа дел Маре“ е еден од поубавите кои ги има постигнато во кариерата.

„Овој гол е сигурно еден од моите најубави голови. Веројатно гол кој сум го постигнал од најголема далечина. Драго ми е што дадов гол, што изнудув пенал и што навистина имавме игра и резултат. Но, потоа почна судиски ‘масакр’ по кој не успеавме да победиме и да ги освоиме толку посакуваните бодови. Добив два жолти картони и навистина ми е жал што не победивме“, вели нашиот најдобар фудбалер.

 

Поради исклучувањето, Пандев нема да игра на големото градско дерби во Џенова.

„Особено ми е жал, што нема да играм против Сампдорија во сабота. Градско дерби, за нас многу важен меч. Ова ќе биде една навистина тешка сезона, но нема да се предадеме. Ќе се бориме до самиот крај за да успееме“, дополнува голгетерот на Џенова.

Џенова на Пандев по 15 одиграни кола се наоѓа во црвената зона на табелата на 18. место со 11 освоени бода. Тимот предводен од Тиаго Мота нема победа на последните 6 меча во Серија А.