Во Австралија приведена телевизиска екипа што снимала протест против рудник за јаглен

22.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Австралија приведена телевизиска екипа што снимала протест против рудник за јаглен

Француски телевизиски новинар и неговата екипа се уапсени откако снимале демонстранти кои блокирале рудник за јаглен во австралиската североисточна држава Квинсленд.

Државната полиција соопшти дека седум лица, меѓу кои и четири Французи на возраст од 29, 30, 32 и 39 години, биле уапсени и обвинети за недозволено поминување преку железничка пруга на терминалот за јаглен „Абот Поинт“, во понеделникот.

Полицијата не идентификуваше ниту еден од уапсените.

Репортерот Хуго Клемент и неговата телевизиска екипа снимале документарен филм за животната средина за француска телевизија, рече групата која го водеше протестот организиран против индиската компанија „Адани“ која копа рудник за јаглен во Квинсленд.

На објавените слики од протестот се гледа Клемент во полициско комбе, како и двајца полицајци кои ги водат камерманите кон комбето.

Клемент и неговата екипа се ослободени со кауција и треба да се појават пред судот во Боуен на 3 септември.

Австралиската радиодифузна корпорација објави дека на Клемент му било забрането да се доближува до рудникот на „Адани“.

Францускиот тим ги снимал демонстрантите што го блокираа пристапот до терминалот Абот Поинт, од кој е планирано да извезува јаглен од рудникот, изјави претставничка на групата што го организира протестот. Таа додаде дека полицијата не ги предупредила новинарите да се тргнат од пругата пред да ги уапси.

Од компанијата „Адани“ рекоа дека ги охрабруваат луѓето да го искажуваат своето мислење засновано на факти и да протестираат на законски и безебеден начин, без да го доведуваат во опасност своите или животите на нивните вработени.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата