Италија активира воен авион за да спаси бебе во Британија

26.04.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Италија активира воен авион за да спаси бебе во Британија

Необичниот потег дојде откако родителите на момчето изјавија дека лекарите во Британија не можат ништо да направат за нивното дете.

Бебето, кое има неполн месец, имало сериозно оштетување на срцето и итно е пренесено во Италија на понатамошно лекување. SkyNews наведува дека родителите се по потекло од Италија и Нигерија, но живеат во Британија.

Италијанската влада објави дека „детето има многу сериозни срцеви малформации“ и дека интервенирале затоа што Кралската детска болница во Бристол повеќе не можела да направи ништо за момчето.

Италијанскиот адвокат и поранешен сенатор Симоне Пилон рече дека болницата била на работ на правна постапка со родителите поради прекинот на лекувањето, но тоа било прекинато пред да започне сослушувањето во Високиот суд, во корист на соработката со италијанската влада.

Пилон, кој претходно интервенираше за да им помогне и на другите родители да ги однесат своите деца на лекување во Италија, го нарече ова значаен случај во педијатриската грижа.

Тој рече дека со тоа се отвора патот на децата да им се понуди лекување во странство, без родителите да бидат изведени на суд.

„Верувам дека ако најдеме начин да соработуваме во најдобар интерес на децата, сите ќе победиме - нема губитници“, рече тој.

Пилон им се заблагодари на болницата и на британските лекари и во негово име и во име на семејството на момчето.

Од болницата во Бристол соопштија дека соработувале со детската болница Бамбино Гесу за да се обезбеди безбедно префрлање на бебето во Рим.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата