Претседателот на Собранието и мнозинството по секоја цена синоќа не дозволуваа да се одржи седница за петтиот пакет-економски мерки. Седницата упорно не ја отвораа, точките упорно не ги ставаа на дневен ред, обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

„Во овој момент нема побитен закон и поголем приоритет од економските мерки. Затоа, апсолутно е нејасно зошто синоќа сѐ се правеше, само за да не се отвори таква седница. Слушнавме само изговори зошто не се отвора таа седница, но ниту една причина не беше поврзана со Деловникот на Собранието. Синоќа не слушнавме ниту еден разумен аргумент зошто не се отвори седницата со петтиот пакет-мерки. Услови за таква седница има и време е таа седница, конечно, да се закаже и одржи.

Срамно е Собранието да не покаже капацитет да ги решава проблемите. Собранието не смее да биде вакво. Собранието не смее да има ваков однос спрема граѓаните и компаниите. Собранието не смее да остане заглавено во дневната политика на штета на граѓаните и компаниите што сѐ уште ја чекаат насушно потребната економска помош“, рече Муцунски додавајќи дека како пратеничка група нудат решение.

Седница за економските мерки денес во 17 часот; в сабота во 12 часот; в недела во 12 часот; седница во кој било друг термин што ќе ги задоволи желбите на претседателот на Собранието, посочи тој.

„На таа седница ќе биде присутна пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството нека обезбеди само 20 пратеници, не мора повеќе, и мерките ќе се донесат. Уште еднаш повторувам дека нашата пратеничка група бараше оваа помош да биде неповратна, а истовремено уште сега да изгласаме ваква помош, освен за февруари и март, и за април и мај. Целта, меѓу другото, е повторно да не ги ставаме компаниите и граѓаните во исчекување“, изјави Муцунски.

Тој нагласи дека е време Собранието да покаже одговорност и пратениците да си ја заслужат платата.

makfax.com.mk