Ова НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПЛАЌА за преглед кај матичен гинеколог

22.01.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ова НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПЛАЌА за преглед кај матичен гинеколог

Прегледот кај матичен гинеколог не се плаќа и доколку избраниот гинеколог побара пари за здравствена услуга која е бесплатна, осигуреното лице треба да одбие да го плати прегледот, велат од Фондот за здравствено осигурување по реакциите од пациентки дека плаќаат за услуги кои треба да се бесплатни.

Реакциите од повеќе градови во земјава до нас следуваат по објавениот текст на порталот сдк на 30 декември, дека повеќето матични гинеколози во Куманово ги наплаќаат гинеколошките услуги на бремените жени, иако Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Македонија предвидува бесплатни прегледи за време на бременоста.

Истражувањето на Националниот ромски центар (НРЦ) од Куманово, покажало дека дури 74 отсто од бремените Ромки и жените од социјално ранливите категории морале да платат контролниот преглед и друг вид на услуги, а за само 24 отсто бил бесплатен.

Во основните здравствени услуги кои ги обезбедуваат избраните гинеколози, бесплатни се дијагностички прегледи со ЕХО, колпоскопија и земање брис. ПАП-тестот е бесплатен на секои три години и за него избраниот лекар ги повикува пациентите по возрасни групи, според Програмата на Министерството за здравство за скрининг за превенција и рано откривање на карцином на грлото на матката.

За ПАП-тест кој е потребно да се направи еднаш годишно според медицината базирана на докази партиципација која осигреното лице треба да ја плати е 60 денари. Доколку ПАП-тестот е потребно да биде направен приватно, неговата референтната цена според ФЗОРСМ е 600 денари.

Фондот додава дека учеството со лични средства при користење на здравствени услуги и лекови е обврска на осигурениците, но најмногу до 20% од просечниот износ на вкупните трошоци на здравствената услуга, односно лековите.

Во случај кога сепак се инсистира на наплата за прегледот, потребно е да побара фискална сметка за извршените здравствени услуги, потоа се информира Фондот преку претставка и во прилог на преставката потребно е биде доставена и фотокопијата од фискалната сметка.

Пријавата може да биде направена на бесплатниот телефонски број 080033222, на мобилните телефони на инспекторите од контрола кои се објавени на веб страната на ФЗОРСМ, секој работен ден од 8.30 до 20 часот, но може да се направи и електронска пријава на [email protected]

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата