ДЕНЕС ПРВА СРЕДБА НА СДСМ И ВМРО. Може ли законот за СЈО да се изгласа до 1 април, или ќе мора да чека до јуни

17.03.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ДЕНЕС ПРВА СРЕДБА НА СДСМ И ВМРО. Може ли законот за СЈО да се изгласа до 1 април, или ќе мора да чека до јуни

Работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ до денес сè уште не ги започнале средбите за надминување на разликите за пакетот важни закони за добивање на датумот за старт на преговорите со ЕУ за членство. Опозицијата иако го определи свои членови, нивните имиња не ги соопштува поради тоа што тие сè уште не добиле зелено светло од сите партиски органи. Додека партијата не донесе друга одлука, моментално казните за 27 април не ги загрозуваат преговорите.

Групата на СДСМ за надминување на разликите во Законот за јавното обвинителство и предлогот за спојување на СЈО со редовното обвинителство ќе ја предводи министерката за правда Рената Дескоска. За викендов беше планирано да се договори агендата за разговорите, но средбите беа одложени поради тоа што Дескоска е на службено патување. Парламентарното мнозинство очекува Законот за јавното обвинителство и Законот за Агенцијата за национална безбедност да се усогласат и да бидат изгласани до крајот на април, односно пред почетокот на претседателската кампања.

Опозицијата не наведува јавно кои ù се забелешките во предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност, а во однос на Законот за јавно обвинителство, партијата на Христијан Мицкоски бара прво партиите да се договорат опозицијата да го предлага главниот државен обвинител, потоа да се постигне договор за отворањето на случаите за кои опозицијата се сомнева дека се политички монтирани и на крајот да се усогласат ставовите и за спојувањето на СЈО во рамките на јавното обвинителство.

Но, ВМРО инсистира во нејзината екипа повеќе да нема место за Катица Јанева и за дел од другите специјални обвинители. Иако за донесувањето на горенаведените предлог-закони е потребно двотретинско мнозинство од гласовите, албанските политички партии не се вклучени во овој процес. Дел од политичкиот консензус бараат да бидат и од групата 8 пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.

Остануваат околу 10-тина дена да се усогласат евентуалните разлики во ставовите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ околу финализирање на новиот закон за СЈО, за законот да се изгласа во собранието пред мирување на парламентот заради кампањата и самите претседателски избори кои завршуваа на почетокот на мај.

Доколку не се заврши се пред 1. април, следниот термин е почетокот на јуни за да се заврши и изгласа самиот закон а новиот претседател истиот да го потпише и да се објави во службен весник..

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата