Во Париз се одржа трка на келнери: Трчаа 2 километра со послужавник со храна и пијалоци (ВИДЕО)

27.03.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Париз се одржа трка на келнери: Трчаа 2 километра со послужавник со храна и пијалоци (ВИДЕО)

Тие можат да се сетат на нарачките на осум луѓе без да ги запишат, можат да ја носат целата храна и пијалоци одеднаш и можат да се справат дури и со најголемите гужви. Овие професионални вештини ги покажаа на париската „трка на келнери“ која се одржа во неделата на 24 март.

Секоја година во Париз се одржува Course des Garçons de Café, или трката на келнерите, предизвик во кој најдобрите париски келнери се тркаат по патека долга два километри додека носат послужавник полн со шолји кафе, чаши вода и кроасани, традиционално облечени во црни панталони или здолништа, бела кошула и престилка.

За да победат во трката, учесниците не само што треба да бидат брзи, туку и внимателни. Секоја промена на нивната рамнотежа ќе влијае на нивниот конечен резултат, така што тие не смеат да истурат ништо. Натпреварувачите велат дека мора да одат брзо, но не пребрзо за случајно да не истурат нешто, а самата градоначалничка на Париз Ан Идалго изјавила колку всушност е тежок послужавникот и дека тоа воопшто не е лесна задача.

Најбрзи учесници оваа година беа Полин Ван Вимерш од Café le Petit Pont и Семи Ламрус од ресторанот La Contrescarpe - тие успеаја да ја завршат трката за помалку од 14 минути и на двете им беа доделени билети за церемонијата на отворање на Олимписките игри, кои што летоово ќе се одржат во француската престолнина.

@robinbrnd Une course de garcons et filles de cafés ce dimanche dans #Paris ♬ son original - ROBIN

Според францускиот историчар Лоран Бил, Course des Garçons de Café, или трката на келнери во кафетерии, за прв пат започнала во 1914 година, а со текот на годините се здобила со популарност не само во Париз, туку и во други градови низ Франција, како што се Ница, Белфор и Кале.

Од другата страна на Ла Манш, многу градови во Обединетото Кралство исто така ја прифатија оваа традиција, но кафето и кроасанот на послужавникот ги заменија со половина литар пиво. А освен во Франција и Обединетото Кралство, слични трки се одржуваат и во некои далечни градови, како Хонг Конг и Јокохама.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата