Петмина тинејџери се обвинети за тероризам по нападот со нож во црква во Сиднеј

25.04.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Петмина тинејџери се обвинети за тероризам по нападот со нож во црква во Сиднеј

„Пет малолетници се обвинети бидејќи Заедничкиот антитерористички тим (JCTT) Сиднеј продолжува да ги испитува соработниците на наводниот сторител кој го изврши прободувањето со нож во црква во Вејкли“, се вели во соопштението на федералната полиција.

Повеќе од 400 државни и федерални полицајци синоќа извршиле 13 налози за претрес низ Сиднеј.

Двајца тинејџери, 17-годишник и 14-годишник, се обвинети за поседување или контрола на насилен екстремистички материјал добиен или набавен со користење на транспортни услуги.

Двајца 16-годишници се обвинети за заговор за подготвување или планирање терористички чин, додека друг 17-годишник е обвинет за заговор за подготвување или планирање терористички чин и поседување нож на јавно место.

Во полициската акција запленети се повеќе предмети меѓу кои и електронски материјал.

Минатата недела, 16-годишно момче беше обвинето за кривично дело тероризам во врска со прободувањето со нож во црквата на Христос Добриот Пастир во Вејкли, на западниот дел на Сиднеј, на 15 април.

Во таа прилика 53-годишниот свештеник се здобил со тешки повреди на главата, додека 39-годишник во обид да интервенира се здобил со расекотини и рана на рамото. Тинејџерскиот напаѓач бил спречен од граѓаните.

Прогласувањето на кривичното дело за терористички акт ѝ дава на полицијата дополнителни истражни овластувања да утврди дали некое лице дејствувало самостојно или било дел од поширока мрежа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата