Хамас повикува на ескалација на сите фронтови

24.04.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хамас повикува на ескалација на сите фронтови

Во видеото објавено синоќа од Ал Џезира, Абу Убаида го пофали нападот на Иран врз Израел на 13 април, велејќи дека директните напади со дронови и ракети „поставуваат нови правила, повлекоа важни паралели и ги збунија непријателот и оние што стојат зад него“.

Тој повика и на ескалација на Западниот Брег и во Јордан, велејќи дека тоа е „еден од најважните арапски фронтови“.

- Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции и да го крене својот глас, рече тој.

Абу Убаида рече дека Хамас останува на барањата што ги постави на разговорите за прекин на огнот, односно бара Израел да ја прекине воената офанзива, да ги повлече своите сили од Појасот Газа, да им дозволи на раселените да се вратат во северниот дел на Газа и да ја укине блокадата.

Во меѓувреме, Израел вчера ги засили нападите низ Појасот Газа, рекоа жителите, додавајќи дека тоа било едно од најлошите гранатирања во последните неколку недели. Армијата нареди нова евакуација на северот од палестинската енклава, предупредувајќи ги цивилите дека се наоѓаат во „опасна борбена зона“.

Во објава на X, портпаролот на израелската армија Авичај Адраи ги повика жителите на четири зони во Беит Лахиа во северниот дел на Појасот Газа да се преселат во засолништа во две одредени области.

Новото гранатирање и бомбардирање на северниот дел на Појасот Газа доаѓа речиси четири месеци откако израелската армија објави дека ги повлекува своите војници, тврдејќи дека Хамас повеќе не ги контролира областите.

Израел, исто така, овој месец повлече поголем дел од своите сили од јужниот дел на Појасот Газа. Но, обидите да се постигне прекин на огнот не успеаја, а израелските бомбардирања и упади на територијата од која војниците се повлекоа го отежнуваат враќањето на раселените во своите домови./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата