И во Македонија се појави КАВАСАКИ СИНДРОМ КАЈ ДЕЦАТА

17.05.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
И во Македонија се појави КАВАСАКИ СИНДРОМ КАЈ ДЕЦАТА

Во земјава, последните два месеца се регистрирани две деца со симптоми слични на Кавасаки синдромот, или познат како „Kawasaki-like“,  вели за сдк.мк, д-р Аспазија Софијанова, шефица на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести во Скопје. Едното дете било на осум, а другото на петгодишна возраст.

„Децата имаа исфрлување на кожата. По една недела оспипот се повлече, но сметам дека симптомите слични на Кавасаки болеста беа последица од контакт со новиот коронавирус, иако тие немаа класични симптоми на Ковид-19“, вели д-р Софијанова која е задолжена да го координира Ургентниот центар на Детската клиника за деца суспектни на коронавирусот.

Децата се излекувани и веќе си се дома.

„Станува збор за редок синдром, за кој не се познати причините за заболување. Но, новите истражувања покажуваат дека коронавирусот би можел да биде еден од иницијаторите кои влијаат на негово појавување“, вели д-р Софијанова.

Децата кои биле примени на Детската клиника во Скопје ги немале досега вообичаените познати симптоми на Ковид-19. Имале температура но, не многу висока и немале наод на белите дробови. Едното дете било тестирано на коронавирус и тестот бил негативен.

Светските медиуми деновиве пренесуваат дека деца во САД, Велика Британија и други европски земји се погодени од ретко воспалително заболување што се поврзува со коронавирусот, при што се развиваат симптоми слични на синдромот на токсичен шок.

Британските лекари минатиот месец биле предупредени да следат ретка, но опасна инфективна реакција кај децата. Ова уследи откако осум болни деца беа примени во болница во Лондон, од кои еден 14-годишник починал. Сите деца имале слични симптоми: силна треска, осип, црвенило во очите, отоци и општа болка, но повеќето немале големи проблеми со дишењето и белите дробови.

Француските научници соопштија дека во една детска клиника во Париз меѓу 27 април и 7 мај се третирани 17 деца со симптоми слични на заболувањето Кавасаки, како што се отечени екстремитети, осип на кожата и срцев удар. Во Марсеј минатата недела починало деветгодишно дете кое било позитивно на тест на коронавирус, но не покажувало симптоми на вируот Ковид-19.

Професор Софијанова вели дека пред околу дваипол месеци, педијатрите од САД, Кина и Италија почнаа да пријавуваат  случаи на деца со симптоми на Кавасаки синдромот, кој иако ретко, обично се јавува кај деца од 3-9 години. Станува збор за синдром за кој симптомите се налик на испукани капилари по телото, а се лекува со кортико и со биолошка терапија, како и со хигиенско-диететски режим.

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата