Опозициски протести во Венецуела – дел од војниците се повлекоа од границата со Колумбија

23.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Опозициски протести во Венецуела – дел од војниците се повлекоа од границата со Колумбија

Судири избија меѓу локалните жители и безбедносните сили на границата меѓу Колумбија и Венецуела, додека противниците на венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, се подготвуваат преку границата во земјата да пренесат стотици тони хуманитарна помош. Притоа, дел од венецуелските војници ги напуштија своите позиции на границата.

Ваквиот гест на војниците е во контекст на напорите на венецуелската опозиција од границата со Колумбија во земјата да внесе хуманитарна помош, пренесува Би-би-си.

Околу 600 тони храна, лекови, средства за хигиена и друга хуманитарна помош главно од САД, се наоѓаат во Кукута, пограничен град во Колумбија.

Помошта беше донирана на барање на опозицискиот лидер на Венецуела, Хуан Гваидо, кого повеќе земји го признаа како привремен претседател, додека Мадуро е под притисок да поднесе оставка.

Мадуро, пак, смета дека хуманитарната операција е изговор за американска воена интервенција во Венецуела и негово соборување од власт.

Гваидо ја повика армијата да им дозволи на камионите да влезат во земјата, апелирајќи до војниците да застанат на страна на народот, јави Би-би-си.

Руската агенција, „Тасс“ пак пренесе дека поддржувачи на опозицијата се собрале и на воениот аеродром во близина на Каракас.

Според рускиот дописник од местото на настанот, собрани се околу 50.000 демонстранти.

Симпатизерите на опозицијта извикувале навредливи пароли на сметка на владата на Мадуро, во исто време повикувајќи ги војниците да застанат на нивна страна.

Како што пренесува руската агенција, ситуацијата е тензична, но засега мирна.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата