Стоилковски: Во дворот на затворот камерите работат, а нема детали за линчот врз Јанакиески и Ристовски

23.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Стоилковски: Во дворот на затворот камерите работат, а нема детали за линчот врз Јанакиески и Ристовски

Одговорност за обидот за линч на поранешните министри Јанакиески и Ристовски мора да има. И кривична и политичка, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.Тој вели дека мора кривично да одговараат и сторителите и тие кои што дозволиле ова да се случи, а пред се оние кои го инспирирале и го нарале линчот.

„Оставката на директорот на истражниот затвор е само гол популизам во обид да се забошоти скандалот и да се амнестира деспотот Зоран Заев и неговиот извршител Рената Треневска Десковска“, рече Стоилковски.

Портпаролот додаде дека кога поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков бил притворен, во јавноста веднаш биле пуштени негови фотографии за тој да биде понижен и жигосан. Одговорност немало од надлежните. Во истражниот затвор Скопје беа нападнати и Јане Ченто, Коста Делов и Кире Ѓорѓиевски. Одговорност немаше, рече Стоилковски.

„Повеќе од очигледно е дека насилството во истражниот затвор не е случајно, туку е нарачано и организирано. Во дворот на затворот камерите работат, а три дена како веќе нема никакви детали околу обидот за линч на Јанакиески и Ристовски“, рече Стоилковски.

Тој оцени дека ако ако имало макар 1 посто вистина во изјавите на СДСМ досега ќе имало снимка од инцидентот. Според Стоилковски власта ни самата не верува дека Мицкоски и Груевски стоеле зад обидот за линч.

„Ни сами не веруваат во лагите дека Јанакиески или Ристовски ги нападнале осудените од Диво Насеље, само заради некаква вербална расправија. Да беше така, досега ќе гледавме нови спектакуларни снимки од апсења и снимки од малтретирање, но за жал гледаме само обиди да се забошоти истрагата, исто како што исчезнаа снимките од пајакот што ја нападна полицајката“, додаде Стоилковски.

Последните закани од кумановската група и нереагирањето на власта, како што рече, покажува дека станува збор за спрега преку која што деспотот Заев сака политички да се одмаздува кон неистомислениците.

„После сите овие случувања, станува јасно дека во истражниот затвор веќе никој не е безбеден и затоа бараме судот да ги преиспита мерките и за Спиро Ристовски и за поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски и за поранешниот заменик министер за земјоделие Христијан Делев и за сите останати кои политички се притворени“, подвлече Стоилковски.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата