Судбината сакаше токму Македонецот Дарко Панчев да му го  донесе најголемиот успех на српскиот гигант Ц. Звезда. Генерации и генерaции на црвено – белите сонуваа да дојдат до пехарот, во тогаш, Купот на Шампионите. А тој сон им го оствари никој друг туку „кобрата“, и тоа вечерта на 29 мај 1991 година во Бари, на стадионот „Свети Никола“. Финале во Купот на Шампионите меѓу Ц. Звезда и силниот Олимпик Марсеј. Златната генерација на Ц. Звезда предводена од Панчев, а во која беа и Најдоски, Савичевиќ, Михајловиќ, Југовиќ, Просинечки и останатите, успеа преку пенал-серијата да дојде до „ушлето“. По 90 минути во регуларниот дел, а и по продолженијата, резултатот беше 0:0, па така се помина на изведување на пеналите. Пеналот на Аморос беше одбранет од Стојановиќ и тогаш во петатата серија Панчев тргна кон белата точка, а кој друг, да го изведе најважниот пенал во својата кариера, во историјата на Ц. Звезда, во историјата на екс-југословенскиот фудблал. Смирено, умешно, и со малку среќа, Панчев го совлада славниот Олмета и донесе невидена еуфорија. А славниот коментатор на РТС Милинко Пантиќ, во свој елемент го искоментира тој гол, гол вреден европска титула, со посебен шмек. Впрочем слушнете како Пантиќ се дереше: Дарко, Дарко, Дарко….

Тоа не се заборава.