Во време на „Ковид-19“ и само лоши вести, конечно и една убава. Абделхак Нури, фудбалерот на Ајакс се разбуди од кома во која беше точно две години и девет месеци. Некогаш екстра талентираниот член на тимот од Амстердам, инаку голем пријател од детството на Френки де Јонг, сега е во својот дом, кој е прилагоден токму за неговата моментална здравствена состојба.

За него кобен беше еден јулски ден во 2017 година и таа пријателска средба меѓу Ајакс и Вердер. Падна како покосен на теренот, прво во прашање беше срцев удар, а потоа следуваше и оштетување на мозокот по што беше во кома до денеска. Убавата вест ја откри неговиот брат Абдерахим:

„Апи е добро, не е веќе во кома. Тој спие, јаде, по малку и негодува…само со помош на веѓите. Засега таква е нашата комуникација, ги подигнува и ги спушта веѓите. Но и ова е добро за него ако се знае како беше претходно“ истакна братот на Абделхак. 

Инаку Нури како младинец на Ајакс беше дел од генерацијата на Де Јонг, Де Лихт, Ван де Бек и останатите кои сега се супер ѕвезди а тој мора да се бори за својот живот.