Вучиќ: Потегот на Курти за укинување на таксите е трик

28.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Вучиќ: Потегот на Курти за укинување на таксите е трик

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, смета дека најавата на косовскиот премиер, Албин Курти, за укинување на таксите за стоката од Србија е трик.

„Курти еден ден пред моето патување во Вашингтон рече дека ќе ги укине таксите за да нема време за разговор“, коментирал Вучиќ, објави „Б92“.

„Дали сам го смислил тоа или некој му помогнал“, запрашал Вучиќ додавајќи дека специјалниот претставник на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, е во право дека ова е само игра.

Тој рекол дека никој од државниот врв не рагирал на најавата на Курти за условното укинување на дел од таксите затоа што сакале правилно да проценат што сè е кажано.

Тој вели дека Косово ќе ги укине таксите на суровините, поточно на пченицата, затоа што е 20 евра од тон поевтина од Северна Македонија, и дека тоа го бараат стопанствениците во Косово.

„А српските производи, каде што ние би можеле да направиме профит, не го интересираат. Ние ќе чекаме да ги укинат таксите, па тогаш ќе разговараме. До тогаш трпение“, рекол Вучиќ.

Курти синоќа објави дека од 15 март ќе почне постепено укинување на таксите на производите што се увезуваат од Србија и од Босна и Херцеговина и дека првин ќе ги укине таксите за суровините, но под услов Србија да се обврзе дека ќе ја запре кампањата против признавање на независноста на Косово.

Гренел изјави дека САД не поддржуваат делумно укинување на таксите.

„Нашата позиција е јасна: таксите треба да се укинат во целост. Курти прави сериозна грешка – тоа денеска јасно му беше дадено до знаење на претседателот Тачи во Белата куќа“, напиша Гренел на „Твитер“.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата