Разбојници од Албанија украле над 11.000 евра од автомобил во Скопје

25.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Разбојници од Албанија украле над 11.000 евра од автомобил во Скопје

Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против двајца албански државјани кои на 24 септември минатата година од автомобил „фолксваген пасат“ со гевгелиска регистрација, паркиран во гаражите на трговски центар во Скопје, одзеле машка торба со 684.200 денари.

Албанците се товарат за сторено кривично дело – тешка кражба.

Како што информираат од обвинителството, разбојниците го забележале сопственикот како излегува од возилото и со употреба на блокатор привремено го спречиле сигналот за заклучување на автомобилот.

Сопственикот на „пасатот“ бил уверен дека успешно го заклучил автомобилот и се оддалечил, по што крадците ја отвориле вратата, влегле внатре и ја одзеле торбичката во која се наоѓале две пликоа со 11.000 евра, 100 американски долари и ситни пари – српски динари, хрватски куни и бугарски левови, клучеви и полнач за мобилен телефон.

Откако ја извршиле кражбата тие го напуштиле местото на настанот.

Поради опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје доставил предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата