Слаби оценки за судиите Благојче Ралевски од Битола и Јован Качевски од Струга. Такви одлуки донеле контролорите на судењето на дуелите Македонија Ѓ.П – Академија Пандев (1:0), и дуелот Силекс – Шкендија (0:0). Судискиот одбор при ФФМ во деновите кои следат треба да ги потврди слабите оценки а споменатите судии ќе треба да паузираат две недели од фудбалските терени.

Каде згреши „резервниот„ судија Благојче Ралевски на дуелот на стадионот на Ѓорче Петров!? Тој во 63 минута влезе на теренот на местото од повредениот судија Марјан Марковски. По само три минути игра веднаш направи хаос на теренот.

Престрог и неоправдан црвен картон за стоперот на гостите, Стефан Костов! Домашниот фудбалер изведува аут во моментот кога другата топка се уште е во теренот и во рацете на Костов. Наместо да се прекине акцијата, Ралевски дозволи домашните да нападнат, Костов со другата топка реагира и се случува моментот кој го обиколи целиот свет. Комичен настан и брука за фудбалот во Македонија. Но таму нема услови за црвен картон! За неспортски потег според фудбалските правила следува жолт картон.

Потоа во 97.минута Ралевски не гледа очигледен пенал за домашните, не го гледа ниту првиот помошник. Двајцата се во непосредна близина на настанот, но не гледаат. Одлуката за пенал ја носи Марјан Марковски кој е повреден и е четврти судија кој е 50 метри од настанот. Како тој виде а овие двајцата не видоа. Тоа е прв пенал во Македонија досуден од четврти судија, кој поради повредата се откажа од делбата на правдата.

Не само две недели. За вакви смешни и нефудбалски одлуки треба многу поголеми казни. Контрола на овој настан на Ѓорче беше Ванчо Коцев од Штип.

Слаба оценка за Јован Качевски и помошниците на дуелот во Кратово. Судијата од струга доцни зад настанот и спорниот момент 40 метри но и покрај фаулот за пенал тој во истата секунда носи одлука дека нема удар од белата точка и не се консултира со дополнителниот судија зад голот и првиот помошник кои се во непосредна близина на спорниот момент.

На овој меч контролор на судењето е Драге Стојановски од Куманово. Барем засега немаме информации за оценката на Константин Влахо за дуелот Работнички – Шкупи (2:1), натпревар за кој исто така имаше жестоки реакции посебно од страна на гостинската екипа.