Репрезентацијата на Норвешка е третиот патник во полуфиналето на Европското првенство, билетот меѓу најдобрите четири селекции го резервира откако го совлада Исланд со 31-28 (19-12) за шестти триумф во низа.

Феноменалната игра во првото полувреме беше клучна за новиот триумф и задржување на првото место на табелата во групата 2. Сандер Сагосен со девет погодоци од 15 обиди беше прв стрелец кај победникот, на другата страна Гудмундсон имаше пет гола.

Норвешка влезе доминантно, поведе со 7-0, на другата страна Исланд првиот гол го постигна во осмата минута, реализираше Арон Палмерсон. Највисоката предност која условно кажано домаќинот ја имаше беше осум гола (12-4, 18-10), на полувремето замина со резултат 19-12.

Се чинеше дека во продолжение од мечот Норвежаните рутински ќе одиграат во второто полувреме, но Исланд ја поправи играта, го притисна противникот, го натера да греши, нешто што не можеше да си види во првиот дел.

Трастарсон и Гудмунсон на 15. минути до крајот намалија на 23-20, а по новото исклучување во редовите на Норвешка и на нови 25-22. Одличниот голман на Исланд, Халгримсон со седмата интервенција отвори шанса за ново доближување од два гола негатива, но неговите момци не се снајдоа.

Најдобриот стрелец во досегашниот дел од евро-шампионатот не дозволуваше мечот да отиде во друг правец, кој ќе ја продолжи неизвесноста околу пласманот во полуфиналето.

Унгарија и Шведска ќе го одиграат последниот меч од групата 2.