(Видео) Принцот Хари јавно се обрати првпат по превирањата во кралското семејство
16.01.2020
Сè уште законскиот војвода од Сасекс, принцот Хари, се обрати во јавноста првпат по драмата што ја потресе Велика Британија и кралското семејство, откако тој и неговата сопруга Меган Маркл, решија да станат финансиски независни.
На официјалниот Инстаграм профил на војводата и војвотката од Сасекс објавено е видео од обраќањње на принцот Хари, во кое темата е спорт.
И покрај тоа што се наоѓаат во големи превирања, Хари продолжи со своите обврски, а на социјалните мрежи зборуваше за игрите „Инвиктус“, кои се меѓународен адаптивен мулти-спортски настан основан токму од него, објави „Блиц“.
Во нив, ранети, повредени или болни припадници на вооружените служби и ветерани му покажуваат на светот за што се способни во различни адаптивни спортови, почнувајќи од кошарка во инвалидски колички до веслање на затворено.
Самиот принц Хари служеше 10 години во вооружените сили, а овој пат имаше и јасна порака.
„Се надевам дека сите во Германија се подготвени за неверојатна спортска недела. Не се сомневам дека германската јавност ќе застане зад овие игри и дека секој натпреварувач ќе наиде на топол пречек“, рече Хари во своето обраќање.
Ова видео за половина час доби околу половина милион прегледи.