Следната недела би можело да започне судењето за отповикување на Трамп

15.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Следната недела би можело да започне судењето за отповикување на Трамп

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска ќе гласа зa резолуцијата, која содржи формално обвинение против Доналд Трамп, да се достави до Сенатот, со што ќе се отвори патот за почеток на судењето на американскиот претседател во горниот дом на Конгресот.

Лидерот на републиканското мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, најави дека судењето би можело да започне во вторник, на 21 јануари, а некои прелиминарни чекори би можеле да бидат финиширани до крајот на неделава.

Во декември, Претставничкиот дом изгласа импичмент на Трамп под обвинение дека ја злоупотребил својата позиција така што веќе одобрена воена помош користел како средство за уцена врз украинските власти да отворат истрага против неговиот демократски противник Џо Бајден и дека го опструирал Конгресот, потсетува на „Гласот на Америка“.

По состанокот зад затворени врати на демократите во Претставничкиот дом, претседавачката Нанси Пелоси најави дека ќе назначи тим на демократски членови од Конгрес, таканаречени менаџери, кои на судењето ќе ги изнесат обвиненијата против претседателот.

„Следниот чекор е едноставен. Сенатот треба да одржи фер судење “, изјави демократскиот конгресмен, Хаким Џефрис.

Пелоси веќе еден месец го одложува испраќањето на резолуцијата за отповикување во Сенатот, неуспешно обидувајќи се да го натера републиканскиот лидер во ова тело, Мич Меконел, да се согласи во сведочењето да вклучи и нови сведоци.

Меконел, кој вети дека ќе координира со Белата куќа, оцени дека случајот на демократите е слаб и дека не е работа на Сенатот повторно да отвора истрага.

„Ако постоечкиот случај е силен, нема потреба судијата и поротата повторно да ја отворат истрагата. Ако случајот е слаб, тогаш демократите во Претставничкиот дом не требаше да усвојат импичмент за претседателот“, рече тој.

Неколку републиканци навестија дека нема да ја поддржат иницијативата за отфрлање на обвиненија против претседателот, без соодветна постапка во Сенатот.

Потребни се само 51 глас за да се принудат сведоците да сведочат за време на судењето.

Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот, се понуди да сведочи во случајот доколку го добие задолжителниот повик, но претседателот Трамп најави дека би можел да ја искористи својата извршна привилегија за да го спречи.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата