СДСМ: За разлика од пристапот на ВМРО-ДПМНЕ, денес вработувањата се транспарентни

12.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
СДСМ: За разлика од пристапот на ВМРО-ДПМНЕ, денес вработувањата се транспарентни

Секој кој има квалитети, без разлика дали е или не е член на која било партија, има еднакво право да добие работно место, а со тоа и сериозна обврска своите работни задачи да ги извршува на професионален начин, велат од СДСМ по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ  за вработувањето на синот и братот на пратеничката Мира Стојчевска.

„Секој има право да членува или да не членува во политичка партија, но тоа право никако нема и не смее да се доведе во врска со работното место. Започнат е процес на деполитизирана и департизирана администрација. Тоа значи вработувања според мерит-систем, а не според политика или партиска припадност“, вели СДСМ во реакцијата по обвинувањата за партиските вработувања.

Владејачката партија преку соопштение додава дека е лицемерно ВМРО-ДПМНЕ да зборува за вработувања во администрација кога токму таа партија е симбол на непотизам и масовна партизација на државните институции.

„За разлика од таквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ, денес процесите за вработувања се законски, јавни и транспарентни. Сите вработувања се согласно план, потреба и програма на самата институција, а за сите кандидати важат еднакви услови и критериуми. Секој има еднакви можности за работа“, велат од СДСМ и додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ во октомври 2012 година само преку еден оглас во РЕК Битола вработила 625 партиски кадри, сите според списоци по општински комитети.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата