Свечено отворање на Школата за млади лидери на Иванов

11.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Свечено отворање на Школата за млади лидери на Иванов

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери, што на негова иницијатива по десетти пат ќе се одржи во Струга, од 11 до 22 февруари.

На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, ќе се обрати и д-р Талал Абу-Газалех, претседател на Tag-org, глобална организација за професионални услуги и едукација. На првиот ден од Школата за млади лидери предавање ќе одржи г. Сани Шенер, извршен директор на ТАВ аеродроми, а ќе се одржи и панел дискусија за предизвиците на 4-та индустриска револуција, тема што ќе биде во фокусот на десеттата Школа за млади лидери.

На годинешната школа ќе учествуваат дваесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери се Пинар Ајваз Арикан, Генерален Директор на Turkish Airlines во Скопје, Штефан Петер, Претседател на извршниот одбор на ЕВН Македонија, Фанија Самак од компанијата Микросам од Прилеп, Нина Ангеловска, коосновач на Grouper.mk, Љупка Арсова, Инженер за животна средина во Источната Истражувачка група, со седиште во САД, Разије Невзат, Координатор на Одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Источен Медитеран Универзитет, Хозе Антонио Моралес, директор на Lincoln Island Initiatives, со седиште во Словенија, Рашела Мизрахи од Бар Илан Универзитет, Израел,  Методија Колоски, Претседател на Обединетата Македонска Дијаспора, Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија. Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и светот.

Во рамки на одржувањето на 10. Школа за млади лидери, учесниците ќе го посетат новиот аеродром во Истанбул, отворен во октомври 2018 година, каде ќе бидат запознаени со неговото менаџирање како еден од најголемите аеродроми во светот, а ќе го посетат и седиштето на авиокомпанијата Turkish Airlines.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов и се организира веќе 9 години. Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Во изминатите девет години на школата учествуваа 360 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи. Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата