Ракометарите на Веспрем по вторпат сезонава загубија меч во регионалната СЕХА Гаспром лига. Со практично втор тим, на гостувањето во Шабац против Металопластика, Унгарците загубија со 30:26 и со тоа останаа на 7 победи во 9 одиграни мечеви во групната фаза.

Унгарскиот шампион денешниот меч во Шабац го одигра со 10 ракометари кои добија шанса од тренерот Дејвис. Металопластика тоа знаеше да го искористи и на крајот да ја прокнижи својата четврта победа со која го мина Еурофарм Р. на 4. место на табелата во групата „Б“.

Најефикасен кај победниците беше Бабиќ со 6 гола, додека во составот на Веспрем денеска по 9 гола постигнаа Пачковски и Штрлек. Веспрем последниот меч од групната фаза ќе го одигра утре против ППД Загреб, каде со победа треба да го потврди првото место во групата.