(Видео) Костовски: По улиците на Бутел хараат банди, со нож е прободено малолетно момче

7.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Костовски: По улиците на Бутел хараат банди, со нож е прободено малолетно момче

Скопје е претворено во фавела во која царува криминал, насилство и банди, рече денеска во изјава за медиуми, Дарко Костовски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Бутел.

Според него, најголеми жртви на ова се граѓаните, а како што кажа, институциите немо посматраат и како статистичари бројат настрадани.

„Вчера на неколку метри од општинската зграда во Бутел, беше прободено со нож едно малолетно момче, а друго кое било со него, беше физички нападнато. Жртва беше 13-годишно дете, а утре може да биде некој друг. Улиците се претворија во зони по кои хараат банди. Родителите се плашат да ги пуштат децата на улица, во училиште или во парк, бидејќи не знаат кој може да ги нападне“, истакна претставникот на опозициската партија.

Додаде дека очекува надлежните институции итно да го разрешат овој случај и сторителите на крвавиот напад врз детето да ги изведат пред лицето на правдата и најостро да ги санкционираат.

„Оливер Спасовски додека во камера уверува дека граѓаните се безбедни, во реалноста деца се претепувани, бодени со ножеви, мафијаши се пукаат по улици и хотели, а банки, домови и други објекти се ограбуваат. Животот на секој човек е во опасност. Се сомневаме дека ваквите ликови му се многу добро познати на градоначалникот Велимир Смилевски и дека тој со нив е близок пријател. За жал Смилевски ништо не презема за безбедноста на граѓаните во Бутел, и за заштита на нивните животи и имоти“, порача претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Бутел.

Тој истакна дека неговата партија бара итна седница на општината Бутел на која што задолжително треба да присуствува и командирот на полициската станица со две точки на дневен ред.

„Прво – целосно разрешување на вчерашниот немил настан и апели за остро санкционирање и второ да се разговара општо за безбедносната состојба во општината Бутел која е веќе сериозно загрозена“, нагласи Костовски.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата