Во Сити мол започна саемот за мерката „Купи куќа, купи стан“

6.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Сити мол започна саемот за мерката „Купи куќа, купи стан“

Саемот за мерката „Купи куќа, купи стан“ започна денеска во Скопје Сити Мол, каде граѓаните ќе можат да се информираат целосно за проектот на едно место односно ќе имаат прилика на исто место да ги најдат Министерството за финансии, банките и градежните компании.

Саемот ќе трае од денес до недела, секој ден од 10 до 22 часот.

Од Министерството за финансии информираат дека со промените направени во проектот годинава, значително се подобрени условите за граѓаните.

„Најголема поволност за граѓаните е намалувањето на каматните стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит и тоа: за моделите каде се субвенционира ратата од кредитот од страна на државата, каматната стапка се намали од 3,95% на 2,9%, додека за четвртата и петата година каматната стапка е намалена од 4,44% на 3,9%. И кај моделите каде се субвенционира учеството каматната стапка е намалена од 4,5%+ЕУРИБОР на 4%+ЕУРИБОР“, се наведува во соопштението на ресорното министерство.

Дополнителна нова поволност во проектот е во насока на подигнување на наталитетот во земјата. За секое новородено или посвоено дете во текот на првите десет години од користење на кредитот, корисникот на кредитот добива дополнителна субвенција од 30% на ратата во текот на една година плус.

„Има и нови модели, особено поволни за младите со возраст до и наполнети 35 години. За купување на стан, каде и интересот е најголем, субвенцијата на месечната рата е зголемена од 50% на 70% – ова значи дека во првите пет години од исплатата на кредитот 70% од месечната рата ќе плаќа државата, додека корисникот на кредитот ќе плаќа само 30%. Исто така зголемена е и субвенцијата за моделите каде се субвенционира учеството од 50% на 70%. Ова значи дека доколку корисникот на проектот го искористи овој модел, 70% од учеството од кредитот ќе му го плати државата“, појаснуваат од Министерството за финансии.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата