МЗТ Скопје по голема драма го совлада Нови Пазар и дојде до осмата победа во АБА 2-лига. Харис со две слободни фрлања во самиот финиш донесе радост (89-87), а македонскиот првак остана во игра за првото место на табелата.

„Ова беше исклучително тежок натпревар за нас во кој се виде дека сме емотивно испразнети. Добро е што имаше среќен крај за нас, ова е победа која многу ни значи. Им честитам на моите кошаркари, бидеќи и во ваков ден на противникот успеаја да го одбранат домашниот терен. Честитики и за тимот на Нови Пазар за фантастичната борбеност“, изјави стратегот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.