(Видео) Две проекции на „Тајните архиви на Скопје“ во „Котур“

4.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Две проекции на „Тајните архиви на Скопје“ во „Котур“

Видео колажот „Тајните архиви на Скопје“ кој беше прикажуван во Кинотека и Кино Култура, ќе има уште две проекции кои се закажани на 13 и 16 декември од 20 часот во „Котур“ во Скопје.

Носител на проектот „Тајните архиви на Скопје“ е НУФЦ Вардар Филм, кој има за цел зачувување и афирмација на материјалното и духовното современо културно наследство на градот Скопје. Покрај зачувување на овие материјали како културно богатство на градот, проектот има за цел да им се претстави и доближи на младите генерации Скопје од пред неколку децении.

„Едно Скопје полно љубов, едно мирно Скопје кое во исто време во себе го содржи целиот жагор на скопјани. Целта не е само визуелно (преку снимки) да им го претставиме градот на новите генерации, туку и на емотивно ниво да го разберат животот на скопјани. Проектот е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија, дигитализацијата и дигиталната обработка се на Александар Трајковски, обработката на тон е на Сашко Потер Мицевски, а гласот на Дарко Ристовски“, велат од „Вардар филм“.

За колажот од видеа, селектирани се материјали од десетина семејства. Материјалите се од различен тип: родендени, свадби, прошетки,излети во и околината на Скопје. Во нив се бараше белегот на градот, На-ма, Кермес, Дебар Маало со куќички, плоштадот со калдрма итн. Личната приказна на авторката Катерина Габунија, нејзиното детство и тоа што претставува овој град и начин на живеење за неа е надополнет со приказните од снимките.

Колажот од видеа креира всушност лична, емотивна приказна за Скопје и Скопјани, раскажана низ четирите годишни времиња. Идејата на проектот е да не се влијае дополнително на материјалите, ниту пак да се врши измена во монтажата; туку да се прикажат истите во реално светло, онака како што неколку децении наназад биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти.

Како дел од проектот „Тајните филмски архиви на градот“ во „Котур“ ќе бидат изложени 54 фотографии од 70. до 90. години од домашните архиви на скопјани, добиени по пат на јавен повик. Изложбата ќе добие и интерактивен карактер, фотографирајќи ги протагонистите пред самите фотографии.

„Тајните архиви на Скопје“ е проект подржан од Град Скопје во соработка со Кинотека.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата