Лионел Меси по шести пат е прогласен за најдобар фудбалер на светот според францускиот спортски магазин „Франс фудбал“. Аргентинецот е рекордер со тоа што има една „Златна топка“ повеќе од португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо.

„Сакам да им се заблагодарам на сите новинари кои гласаа за мене и што ми освозможија повторно да сум на овој подиум. Им благодарам и на сите соиграчи. Ова е историски момент за мене. Пред неколку години (2009) овде во Париз, ја освоив првата „Златна топка“. Имав 22 години, и дојдов со брат ми. Тоа беше специјален момент за мене. Вечерва ја добив шестата „Златна топка“ и моментот е поинаков. Сега сум тука со фамилијата и моите деца. Како што вели мојата сопруга: ’Немој да престанеш да сонуваш, секогаш работи на тоа да се подобриш и да продолжиш да уживаш’. Среќен сум. Се надевам дека уште долго време ќе играм фудбал. Ќе ми биде тешко кога ќе се пензионирам. Но, засега сум свесен дека се уште имам убави години пред мене. Времето брзо поминува, па сакам да уживам во фудбалот и да бидам со мојата фамилија“, изјави 32-годишниот Меси.