Сите чекори на корупцијата во СЈО одат кон Заев. Ќе се спаси ли од обвинение?!

28.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Сите чекори на корупцијата во СЈО одат кон Заев. Ќе се спаси ли од обвинение?!

На крајот од патот, по четири години постоење, СЈО го затвори кругот. Родени под принудна управа како политички експеримент, надвор од уставниот систем на државата, СЈО стана терет за општеството и правниот систем. Едноставно, тоа беше судбина која може да се предвиди.

И според јавно кажани оценки на правните експерти, со исклучок на едно-две имиња, составот на СЈО од десетмина обвинители и шефицата Катица Јанева во најголем дел беше собир на просечни и потпросечни обвинители, без искуство зад себе, собрани прекутрупа. Им беше дадена власт, огромен буџет за кој никому не поднесуваа сметка, и јавна поддршка со стекната моќ која тешко би ја контролирале и најдобрите и најмоќните обвинители во државава, а камоли овој состав.

Не само што им беше подарена тотална моќ која ја злоупотребија, туку им се дозволи и да ја креираат политичката карта и амбиент во државата што тие не го криеа. Паметиме десетици политички изјави на Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски... кои оставаа последици во јавноста со непоткрепен прогон против опозицијата и некритички однос кон власта која, како и СЈО, имаше тотална контрола над целото општество.

 

Спојот на СЈО, како неуставна сила за прогон по свој избор и власта на СДСМ како влада која е склона на тоталитаризам беше комбинација која води кон пропаст.  А кога власта е тотална и има интерес од таква институција со неумерена моќ која никому не поднесува сметки прашање е на време кога ќе се случи корупција. И корупцијата почнала да се случува уште после првата година на постоење на СЈО.

Уште во првата година Катица Јанева почнала на себе и на своите колеги обвинители да им доделува, со ниту еден закон поткрепени, бонуси и парични награди од државниот буџет. Се сеќаваме кога првиот годишен извештај кој таа требаше да го даде пред Собранието за работата на СЈО заврши неславно. Шефицата на СЈО Јанева одби да одговара пред Собранието, и се беше јасно. Се раѓа институција која е над државата.

За своите четири години мандат Катица Јанева, шеф на СЈО, земала скоро 400.000 евра на име плата и разни додатоци. Уште во јуни 2016 година, по прес конференција на СЈО, се објави вест дека Катица Јанева има 2.000 евра месечно поголема плата од Државниот јавен обвинител иако според законот платата треба да и биде 10% помала. Откако медиумите ја прозваа за ова премиерот Заев и СДСМ застанаа жестко во нејзина одбрана, не во одбрана на законот, изјавувајќи дека “СЈО работи во сложени услови на многу важни задачи и дека парите кои ги земаат (па макар и незакоснки) ќе ги вратат преку приходите од пресуди кои следат“.

Да се потестиме, Заев и СДСМ ја бранеа Катица Јанева и кога почна да се пишува дека СЈО рекетира, уште од мај 2019 година, три месеци пред нејзината смена. Тие беа и се ортаци во криминалот. Ако според законот кој детално предвидува плати и надоместоци за обвинители Катица Јанева требала да има плата со додатоци од 105.000 денари месечно, или околу 1,700 евра, а на годишно ниво околу 20.000 евра тоа значи дека за четири години можела да прими од СЈО околу 80.000 евра. Дури 320.000 евра Катица Јанева си доделила сама, надвор од законот, што е и проневера во службата и злоупотреба на службената положба со оштетување на државниот буџет за многу големи пари.

Во ставот 2 од членот 14 од законот за СЈО, стои дека обвинителите таму треба да имаат иста плата како оние од организиран криминал. Според официјалните податоци од обвинителство, платите на обвинителите од организиран криминал се пресметуваат  по коефициент 3,2 и тие месечно земаат по 57.000 денари. Платите пак во СЈО се движат од 120.000 до 153.750 денари плус додатоци од 1.000 до 3.000 евра месечно. На крај Катица Јанева добивала околу 5.500 евра месечно, а обвинители и до 4.000 евра месечно.

Одговорност има и владата, министерството за финансии, кое редовно следи исплати од сите буџетски институции и морало да го спречи наведеното, но тоа не го направило. Сосема е извесно дека премиерот Заев и министерот Тевдовски свесно оставиле Катица Јанева да земе колку и требало пари од буџетот за да ги изврши нивните политички цели.

И не е само Катица Јанева таа која земала буџетски пари без основ, тоа се пред се и сите десет обвинители, како и истражителите кои бесправно добиле износи од десет па се до 50.000 евра секој од нив. Како истражители и обвинители, кои треба другите да ги гонат за криминал, тие секако знаеле дека добиваат пари на кои немаат право но, парите им се виделе убави и тие молчеле.  И не се застанало тука, кога веќе се делат пари без контрола, и никому за тие пари не се поднесува сметка, во СЈО се примаат деца на судии, деца на обвинители, роднини, пријатели и секој од нив добива додатоци и плата поголема од платата на министер или претседател на државата.

Ако ги видите јавно познатите податоци ќе забележите дека обвинителите од СЈО штом стапиле на мандат веднаш почнале да купуваат станови, имаат од 50 до над 100.000 евра заштеда на своите сметки кои ги чуваат, а формално подигаат кредити за стан за да не се види дека становите се купуваат во кеш.

Ако меѓународната заедница беше ментор за создавање на СЈО со цели и задачи кои радикално се разликуваат од тоа што СЈО го работеле и заработувале, токму меѓународната заедница е и иницијатор да се стави точка на СЈО и нивната корупција. Јасна е поддршката на важните амбасади во земјава уште од мај да се расчисти со корупциите врзани за СЈО, на чело со Катица Јанева.

Деновиве гледаме податоци кои јавно се објавуваат кој колку земал пари од буџетот и јавноста дозна за овие незаконски исплати во СЈО. Јавноста треба да знае дека податоците за плати и исплати во СЈО Катица ги прогласи за тајни и никој не смееше до сега да ги истражува и објавува.

Секако, акцијата за обелоденување на тие пари не е случајна, ниту доаѓа во случајно време. Ако погледнете на апликацијата која покажува кој колку пари примал од буџетот, долу ќе видите дека проектот е поддржан од Американската амбасада.

Што ќе бидат следните чекори? Законот е јасен, Катица Јанева, обвинителите и вработените во СЈО земале државни пари кои не им припаѓаат. Тие пари ќе мора да се вратат инаку е бесмислено и постоењето на Јавното обвинитество кое во спротивно ќе биде соучесник на овој криминал во СЈО.

Бидејќи се работи за значителни износи ќе мора да има и законска одговорност и казни. Секој обвинител во СЈО знаел дека се прекршува законот и свесно, за стекнување незаконска корист во пари, соработувал со Катица Јанева во ова дело и објаснувањата од типот “ако било незаконски требало да кажат од министерство за финансии“ не е оправдување, тие и самите добро го знаат законот.

И министерството за финансии има одговорност која е очигледна. Премиерот Заев не само што гледал што се случува туку во повеќе прилики јавно ја бранел оваа постапка како и самата Катица Јанева лично. Ако Заев тврди дека знаел за Рекет во април, а наредните два месеци црврсто се борел, иако знаел за рекетот, Катица Јанева да остане на позиција шеф на СЈО тогаш е јасно дека се соучесници во секое нејзино дело.

Но, не се само овие пари. Постојат и најмалку два милиони евра донации од дипломатски и странски извори кои ги нема во проектот за плаќања од буџетот, а кои се потрошени од СЈО и тоа во  најголем дел како исплати за едукација, проекти, косалтинг и слично. Тие пари допрва треба да се објават, а интерес за тоа имаат силни држави во Европа.

Дали некој може да биде сигурен дека обвинителката Вилма Рускоска нема да чукне и на вратата на Зоран Заев, и тоа мошне бргу, за најмногу пар месеци?! Она што засега го кочи тој процес да се оди до крај против корупцијата во врвот на власта е нејзиниот шеф, државниот обвинител Јовевски и некои судии кои имаат директен интерес од власта на Заев. Процесот е отворен, податоците станаа јавни, сега или подоцна процесот ќе заврши со судење на сите учесници.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата