Два натпревари се одиграни ноќва во НБА лигата, каде Милвоки беше сигурен пред својата публика во мечот со Портланд, 137:129, додека Њу Орлеанс по низа пресврти го победи Феникс на гости, 121:124.

Актуелниот МВП, Јанис Антетокумпо делуваше незапирливо и заврши со трипл-дабл статистика, 24 поени, 19 скока и 15 асистенции, додека Ерик Бледшо беше најефикасен со 30 поени.

Милвоки имаше константна предност, а и покрај неколкуте обиди на Портланд да се врати во мечот, одличната трета четвртина на домашните беше таа што го пресуди победникот. На спротивната страна Сиџеј Меколум постигна 37 поени, додека Кармело Антони покажа дека полека се вклопува во новата средина со 18 поени.

Интересен меч одигран и во Аризона, каде Брендон Инграм ја превзеде одговорноста и го последниот период од мечот го однесе својот тим во победа. Тој беше и најдобриот поединец со 28 поени, следен од ЈЈ Редик со 26 поени и Дру Холидај со 23 поени.

РЕЗУЛТАТИ:

Милвоки – Портланд   137:129

Феникс – Њу Орлеанс  121:124