Орбан доби мандат за состав на преодната романска влада

15.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Орбан доби мандат за состав на преодната романска влада

Романскиот претседател Клаус Јоханис го задолжи шефот на опозициската Национална либерална партија , Лудовик Орбан да состави преодна влада до парламентарните избори следната година.

„Одлучив да го назначам Лудовик Орбан, шеф на најголемата опозициска партија, за иден премиер“, рече Јоханис, кој доаѓа од истата партија, на пет дена по падот на социјалдемократската влада на Виорика Данчила.

Орбан, поранешен министер за транспорт, рече дека ќе се заложи за „зајакнување на владеењето на правото и независност на судството и враќање на рамнотежата во економијата“, што беше нарушена од експлозијата на јавни расходи во последните месеци.

„Ќе го искористам целото мое искуство и енергија во интерес на јавноста“, рече тој.

Орбан е роден во Брашов во центарот на земјата, а неговиот татко е член на унгарското малцинство. Тој го има истото презиме како унгарскиот премиер Виктор Орбан, но за разлика од него, Лудовик Орбан е проевропски ориентиран.

Тој треба да формира влада во рок од 10 дена и најверојатно ќе добие доверба во парламентот. Сепак, 56-годишниот Орбан тешко дека ќе успее да освои мнозинство за каква било законодавна иницијатива бидејќи опозицијата е поделена.

Аналитичарите велат дека може да добие доволно поддршка за делумно да се стави крај на контроверзната судска реформа што Европската Унија и американските претставници ја нарекоа закана за владеењето на правото во Романија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата