Четири месеци нема плата за лекарите од „Ало докторе“

16.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Четири месеци нема плата за лекарите од „Ало докторе“

Четири месеци нема плата за лекарите од „Ало докторе“. Се работи за 25 искусни доктори кои работат во кол-центарот и преку телефон им даваат совети на пациентите. Проектот што трае веќе пет години, а е оценет како успешен и од претходната влада, која го стартуваше, ама и од оваа, која го продолжи, може да згасне оти вработените не сакаат повеќе да работат без да им биде платено.

Лекар од „Ало докторе“, кој сакаше да остане анонимен, за „Алфа“ сведочи дека поради доцнење со исплата, веќе дел од ангажираните се откажале, а незадоволството расте.

Проблемите со исплатата на изработеното, 150 денари за час, износ кој со години не е зголемен, траат година ипол. Лани, општите лекари и специјалнистите што се вклучени во овој проект, цела година чекаа да им бидат исплатени заработените финансиски сретства.

Од Министерството за здравство не одговорија на прашањата на телевизијата зошто доцни исплатата. Последниот пат кога, во март годинава, исто така ангажираните доктори немаа земено ни денар за тогаш тримесечниот труд, од министерството за „Алфа“ потврдија оти средства за овој проект се одвоени, преку Програмата здравје за сите, ама и тогаш не кажаа зошто вработените со месеци чекаат парите да им бидат префрлени.

„Ало докторе“ почна со работа на 15 септември 2014 година, проект што овозможува 24 часовна достапност на телефон за граѓаните кои имаат потреба од здравствени совети.

„Ало докторе“ освен тоа што граѓаните од цела држава се советуваат за болести и терапија, го растеретуваат притисокот на Брза Помош, која исто така се соочува со проблеми во работењето, како што е недостаток на кадар.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата