Интер пак го преслуша Милан и е главен во градот на модата (видео)

5.02.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Интер пак го преслуша Милан и е главен во градот на модата (видео)

Екипата на Интер е победник во „Дерби дела Мадонина“ откако вечерва на „Џузепе Меаца“, во рамките на Серија А, славеше над градскиот ривал Милан со 1:0. Тоа е втор триумф на Интер над Милан по оној со 3:0 во Суперкупот минатиот месец.
Надмоќна беше екипата на Симоне Инзаги која го притисна ривалот до тој степен што во првото полувреме не му дозволи да стигне до голот.

Дербито започна со доминација на Интер. Нероаѕурите уште од самиот старт ја презедоа контролата на натпреварот и почнаа да создаваат шанси. Првата сериозна можност се отвори за Лаутаро Мартинез. Топката заврши во него во одлична позиција во шеснаесетникот, но неговиот удар Тарарушану одлично го одбрани. Нешто подоцна Аргентинецот повторно беше блиску до погодок, сепак, топката помина покрај голот.

Супериорноста на избраниците на Симоне Инзаги резултираше со гол. Во 34. минута по корнер Лаутаро Мартинез со глава ја испрати топката во мрежата и го отвори резултатот. Тоа беше 12-ти гол за Аргентинецот во Серија А оваа сезона.

Во првото полувреме Милан ја држеше топката во 26% од времето и не упати ниту еден удар кон голот. Тимот играше како да се обидува да загуби со што помал резултат отколку да брка победа.

На почетокот на вториот дел и Интер можеше да ја удвои предноста. Лаутаро беше изведен од Џеко во добра позиција и силно шутираше, но Татарусану одлично одбрани.

Следуваше реакција на Пиоли кој ги извади Ориги, Калабрија и ги внесе Леао и Салемакерс со што екипата малку се раздвижи па организираше два-три напади. Прво Жиру шутна над голот, потоа Брахим Диаз се најде во одлична шанса меѓутоа неговиот шут го одбрани Онана.  Жиру имаше уште една шанса но шутна покрај стативата.

Во 71 минута Симоне Инзаги направи тројна измена, Димарко, Мхитарјан и Џеко излегоа, а влегоа Гусенс, Брозовиќ и Лукаку. Во финишот на мечот Лукаку и Мартинез постигнаа голови кои беа поништени поради прекршок во напад односно офсајд.

Интер по 21 коло има 43 бода, 13 помалку од лидерот Наполи. Шампионот Милан е на шестото место со 38 бода. „Росонерите“ веќе пет кола немаат триумф, а на последните три меча доживеаја порази.

 


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата