„Изгубив договор од 100 МИЛИОНИ ДОЛАРИ оти не се вакцинирав“

27.09.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Изгубив договор од 100 МИЛИОНИ ДОЛАРИ оти не се вакцинирав“

Кошаркарот на Бруклин, Кајри Ирвинг призна дека неговата одлука да не ја прими вакцината го „чинела“ четиригодишен договор од 100 милиони долари. 

Ирвинг го пропушти најголемиот дел од минатата сезона во НБА поради одлуката да не се вакцинира против корона вирусот. 

Поради тогашните прописи на државата Њујорк, кошаркарот на Бруклин не можеше да игра натпревари на домашен терен, бидејќи не беше вакциниран, а со одлука на челниците на Бруклин пропушти и некои натпревари на Нетс на гостински терен.  

Градските власти на Њујорк потоа ги променија правилата, а Ирвинг минатата сезона го одигра првиот натпревар пред домашните навивачи до 27 март. 

„Одлучив да не ја земам вакцината и останав без четиригодишен договор кој вредеше повеќе од 100 милиони долари. Имав понуда да се вакцинирам и да го потпишам договорот или да не го сторам тоа и да ја ризикувам иднината со ова Клубот и во НБА. Се соочив со губење на работата поради таа одлука. Не ми беше лесно додека се обидував да му обезбедам иднина на моето семејство“, рече Ирвинг. 

Челниците на Бруклин се обидоа да го разменат Ирвинг во друг клуб во текот на летото, но не беше постигнат договор. Потоа ја активираше опцијата за едногодишно продолжување на договорот со Нетс, со што Ирвинг ќе заработи 36,5 милиони долари. 

Ирвинг (30) е член на Бруклин од 2019 година, а претходно играше за Бостон и Кливленд. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата