Израелскиот премиер и турскиот претседател ќе се сретнат во Њујорк за прв пат по 14 години

21.09.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израелскиот премиер и турскиот претседател ќе се сретнат во Њујорк за прв пат по 14 години

Израелскиот премиер Јаир Лапид и турскиот претседател Таип Ердоган во вторникот се сретнаа на маргините на Генералното собрание на ОН, што го означи првиот разговор во живо меѓу лидерите на двете земји од 2008 година, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.

Односите меѓу Израел и Турција, двајца сојузници на САД, долго време беа на незавидно ниво поради жестоките спорови за палестинското прашање, но се „затопија“ во последните месеци, а енергијата се појавува како клучна област на соработка. Се очекува наскоро двете земји да разменат нови амбасадори, пишува Ројтерс.

Покрај разговорот за енергијата, Лапид му се заблагодари на Ердоган за размената на разузнавачки информации меѓу земјите и го истакна барањето на Израел за враќање на четворица негови граѓани, од кои двајца се војници, кои се исчезнати во Појасот Газа од војната во 2014 година,  објави кабинетот на Лапид.

Турција, која исто така е членка на НАТО, ја поддржува милитантната исламистичка група Хамас, која управува со Газа и е означена како терористичка група од поголемиот дел од Западот. Овој однос честопати беше точка на расправија во напорите за обновување на врските меѓу Турција и Израел, потсетува Ројтерс.

Од друга страна, Анкара беше огорчена од нападот во 2010 година врз пропалестинскиот хуманитарен конвој кој се обиде да ја пробие израелската поморска блокада на Појасот Газа, во кој десет турски активисти беа убиени од израелски маринци.

Од тие немили настани во 2010 година, на почетокот на септември годинава, турски воен брод за прв пат се закотви во израелско пристаниште, она во Хаифа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата