Кина истрела серија балистички ракети, Тајван се подготвува за војна „што не ја бара“

4.08.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кина истрела серија балистички ракети, Тајван се подготвува за војна „што не ја бара“

Лансирањето беше организирано во неколку бранови, почнувајќи малку пред 14 часот по локално време и траеја околу два часа. Министерство за одбрана соопшти дека војската на Тајван ќе продолжи да го зголемува нивото на подготвеност и соодветно ќе одговори на „непријателската ситуација“.

„Министерството за национална одбрана нагласува дека ќе се придржува до принципот на подготовка за војна без да бара војна, и со став да не ескалира конфликтот и да предизвикува спорови. Ирационалното однесување на Кина има намера да го промени статус квото и да го поткопа регионалниот мир и стабилност“, соопштило Министерството.

По заминувањето на спикерката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси од Тајван, Кина започна воени вежби кои претставуваат најголемите воени маневри организирани околу овој остров што кинеските власти го сметаат за своја територија. Како што наведуваат кинеските државни медиуми вежбите кои ги започна кинеската војска се реализираат во шест зони околу Тајван кои важат и за фреквентни комерцијални рути. Ќе траат до недела попладне, а некои ќе бидат и на само 20 километри од тајванското крајбрежје.

-Кинеската страна ќе ги преземе сите неопходни мерки за одлучно да го одбрани националниот суверенитет и територијалниот интегритет. САД и сепаратистичките сили кои ја поддржуваат независноста на Тајван треба да бидат одговрно за сите последици кои ќе произлезат од тоа. Нашите зборови ќе ги претвориме во акции,изјави – Хуа Чунјинг – Портпарол на МНР на Кина.

Слична порака и од кинескиот министер за надворешни Ванг Ји кој, како што пренесуваат медиумите, на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од организацијата ASEAN во Пном Пен во Камбоџа, порача дека Кина вложила најголеми дипломатски напори да ја спречи кризата, но и дека никогаш нема да дозволи да бидат повредени нејзините темелни интереси.

Од Белата куќа во Вашингтон ја повторија пораката дека посетата на Пелоси не променила ништо.

-Нема причина Пекинг да ја претвори оваа посета, која е во согласност со долгогодишната политика на САД, во некаква криза. Нема причина да го прави тоа. Бевме сосема јасни дека нема промена во нашата политика на Една Кина која се води од актот за односи со Тајван од 1979, тоа не се променило, изјави – Карин Жан Пјер – Прес секретарка на Белата куќа.

Пелоси за време на престојот порача дека САД ќе го поддржуваат Тајван со кој управува демократска власт, но и кој живее под постојана закана од инвазија од кинеската војска. Пекинг, пак, кој го смета островот за своја територија се противи на какви било дипломатски контакти на тајванските власти со други држави.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата