Дендиас му потенцирал на Блинкен дека европската перспектива на регионот е пат во една насока

18.05.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дендиас му потенцирал на Блинкен дека европската перспектива на регионот е пат во една насока

Пат во една насока за Западен Балкан е европската перспектива, истакнал шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Вашингтон, откри портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас му рекол на Блинкен дека, Грција до степен до кој може да придонесе позитивно за ЕУ перспективата на Западен Балкан и за нејзино забрзување, подготвена е да го стори тоа и подготвена е да направи сè што е во нејзини раце, а паралелно го информирал американскиот државен секретар за претстојната турнеа во три земји од регионот.

Папајоану на денешниот брифинг уште еднаш ја повтори грчката поддршка за ЕУ интеграцијата на регионот, соопшти дека шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас следната седмица ќе ги посети  Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, а откри дека Западен Балкан била една од темите за кои министерот за надворешни работи разговарал со американскиот државен секретар Ентони Блинкен на нивната средба во Вашингтон.

-Европската перспектива е пат во една насока, а од аспект на сегашните околности, ќе треба да се избегне да оставиме празнина во регионот, која би можеле да ја пополнат други сили кои за жал нема неопходно да го имаат истото пријателско расположение и исти вредности, рече Папајоану.

Паралелно ја најави и посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на Скопје в среда, а како што рече, ќе оствари средби со претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи на Македонија.

Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, портпаролот на грчкото МНР, рече дека веројатно е на средбите во Скопје, делот посветен на ЕУ да доминира во разговорите, а ќе стане збор и за зајакнување на билатералните односи, економската соработка, спроведувањето на Договорот од Преспа итн.

Папајоану коментираше дека шефовите на дипломатиите на Грција и на Македонија имаат континуирани контакти, а последниот беше во саботата на неформалниот состанок на НАТО.

Пред посетата на Скопје, Дендиас ќе биде в понеделник во Тирана и во вторник во Сараево.

-Оваа турнеја е во рамките за зајакнување на билатералните односи, од една страна и од друга страна, да ги посетиме сите, како во регионот, така и во Европската унија за важноста на овој регион, рече Папајоану.

Додаде дека сите овие посети и средби се и во пресрет на Самитот на високо ниво во рамки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во периодот 2021-2022 година, што ќе се одржи на 10 јуни во Солун, со што ќе заврши грчкото претседателство. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата