Новиот мост во Џенова ќе биде готов во април 2020 година

23.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Новиот мост во Џенова ќе биде готов во април 2020 година

Реконструкцијата на мостот што минатата година се урна во италијанскиот град Џенова, при што загинаа 43 лица, се очекува да биде завршена до следниот април, и покрај тоа што се доцни со уривањето, рече во средата специјалниот комесар за реконструкција.

Уривањето на мостот Моранди, кој се сруши минатиот август, започна во февруари. Италијанската популистичка влада ја направи неговата реконструкција приоритет, ветувајќи дека новиот мост ќе биде отворен следната година.

Комесарот Марко Бучи, кој е исто така и градоначалник на Џенова, рече дека работите за уривање доцнеа две до три недели, но дека реконструкцијата веќе започна.

„Брзаме напред … но, се уште продолжуваме според планот, според кој новиот мост треба да биде завршен до април 2020 година“, рече тој.

Познатиот архитект роден во Џенова, Ренцо Пиано, кој го дизајнираше Центарот „Помпиду“ во Париз и облакодерот „Шард“ во Лондон, донираше предлог за новиот мост и се согласи да ја надгледува работата на истиот.

Договорот за реконструкција беше доделен на најголемата градежна компанија во Италија, „Салини Импрегило“ и бродоградителот „Финкантиери“.

Уривањето на мостот го отежна пристапот до пристаништето во северозападниот дел на градот, а исто така значеше и многу подолг пат за луѓето кои сакаат да патуваат во јужна Франција.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата