Првиот сервисиран авион ќе полета НА ЕСЕН, кога нема пожари

3.08.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Првиот сервисиран авион ќе полета НА ЕСЕН, кога нема пожари

Активни пожари има во Старо Нагоричане, Македонски Брод, Кумановско и Валандово, ама во моментов најстрашно е во Кочани, каде синоќа гореа и куќи, а небото беше црвено од огнот.

Ако пред еден месец се чекаше повторно да падне тендерот за добавувач-сервисер, за Бирото за јавни набавки да  дозволи тој да се најде со директно преговарање, сега се чека да дојдат понудувачите. Но, првиот сервисиран авион ќе може да биде ставен во функција за 40 до 45 дена, што значи октомври. Во тој дел од годината вообичаено нема пожари.

„Поканет е сервисерот минатата недела, чекаме да дојде неделава. Но, за сервисирање на еден авион за гасење пожари потребни се од 40 до 45 дена, сосе подготовките да полета и да се стави во функција. Жалам што ‘ер тракторите’ што ги начекав несервисирани, поминале приземјени многу пожари и сезони на пожари“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Беким Максути.

На 8 јули, Максути ни изјави дека Бирото за јавни набавки не дозволува Дирекцијата да ја плати сумата што ја бара сервисерот. За услугата сервисерот барал сума која што е дури над 40 отсто повисока од таа што ја овозможува Законот за јавни набавки. Тогаш течеше рокот за жалби по објавениот тендер. Се чекаше Државната комисија за жалби по јавни набавки да одлучи што да прави ДЗС понатаму.

Сега фазата е дојдена до покана и доаѓање на сервисерот во Македонија. Сервисот, ако се случи, е со важност од само една година.

За сервисирањето на авионите за гаснење пожари зборуваше синоќа во Кочани и премиерот Зоран Заев.

„’Канадерите’ се приземјени. Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка на сервисирање од Хрватска. Уште утре тоа ќе го направиме за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавни набавки, затоа што сега го имаме основот, согласно законот, кога треба брзо да се делува и верувам дека и Бирото за јавни набавки, со одлука на Влада доколку е потребно, ќе направиме брзо интервенција за сервисирање, осносно одржување, со што ќе се отклони причината за нивното приземјување и ќе се дозволи да може да полетаат ‘канадерите’ кои без вакво сервисирање никој не дозволува, ниту треба да полетаат, бидејќи ќе загрозат човечки животи“, кажа синоќа Заев.

По големиот шумски пожар во август 2019 во близина на езерото Младост кај Велес, премиерот Заев најави дека ќе се зголемува бројот на пожарникари во територијалните противпожарни единици и ќе се обучуваат пилоти за летање со „ер тракторите“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата