Владата предводена од СДСМ продолжува со помош и поддршка за домашната економија, истакна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Таа потсети дека се објавени седум јавни повици за финансиска поддршка за угостителскиот и туристичкиот сектор, како дел од Шестиот пакет економски мерки.

Јавните повици, потенцира Кузеска, се однесуваат на туристичките агенции, туристичките водичи, естрадните уметници, компаниите организатори на настани, игротеките, приватните детски одморалишта, кабареа, ноќните и диско клубови и рестораните за свадби.

Дообјасни дека со првите два повици се опфаќаат естрадни уметници и туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход понизок од 15.000 денари, а финансиската поддршка ќе биде во нето износ од 30.750 денари по лице.

„Понатаму, за компании – оператори од индустријата за организација на настани, агенции кои организираат настани, за регистрирани игротеки и приватни детски одморалишта, за лиценцирани вршители на угостителска дејност кабаре, ноќен бар, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор, за регистрирани и категоризирани ресторани за свадби и за лиценцирани туристички агенции, основа за пресметка на поддршката ќе се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година, а висината на поддршката ќе изнесува 30% од просечниот месечен приход. Дополнително, секој регистриран активен субјект ќе добие финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен, според бројот на ефективни работни часови, со пресек на 31.12.2020 година“, истакна портпаролката на СДСМ.

Според неа, шестиот пакет на мерки е во вредност од 17,8 милиони евра а со него ќе се поддржат 10.000 компании и над 60.000 граѓани.

makfax.com.mk