Реисот Реџепи: Веќе не сме на иста страна со Владата, почнуваме антипропаганда

23.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Реисот Реџепи: Веќе не сме на иста страна со Владата, почнуваме антипропаганда

Реисот на ИВЗ Сулејман Ефенди Реџепи се обрати пред новинарите за обидот за негова смена откако заврши седницата на Ријасетот во факултетот за исламски науки во Кондово.

-Во име на моите колеги, членови на Реисетот, да кажам дека ИВЗ е силно огорчена за скандалот. Тој е припремен на вештачки начин, не памтам ваков примитивен скандал. Ќе имаме огромна поддршка од јавноста и од меѓународната заедница. Таа жали зошто толку се има ангажирано, рече Реџепи.

Тој праша зошто е Владата насочена против ИВЗ и рече дека не е злосторник и нема тендери за да го краде народот.

-Мене ме одликувал Доналд Трамп, да му даде Господ среќа. За цел свет сум носител на мир и спокој, само во Р. Македонија сум демонстрирал сила. Јас не се заканувам, се колнам. Туку вистината ги погодува луѓето. Ние таква власт и политика не сакаме.

Зборувам во име на 13 муфтии. Едногласно ги усвоивме заклучоците дека ваква власт, која се занимава со ујдурми и анархија, нам не ни треба и заради тоа кажувам дека ние ова не го сакаме и не го заслужуваме. Авангарда на сите верски заедници била ИВЗ, секогаш водиме. Нема да не злоупотребат. Бев замолен монструмот да го тргнеме. Сега кој е монструмот? Сите добронамерни нека го кренат гласот, изјави тој.

Реџепи констатираше дека државата е полициска и порача порача дека ова зло нема никогаш да биде заборавено и дека тој и ИВЗ ќе се вклучат во анти-пропаганда на овие избори.

-За жал, од вечерва не сме повеќе на иста страна со оваа Влада, рече тој по вечерашниот упад на финансиската полиција во ИВЗ, откако судот одлучи дека тој веќе не е Реис, туку поглавар станува Скендер Бузаку.

-Нема да бидам послушен. Али пашина џамија, никој да не чепка таму. Ќе се прелие чашата. Политиката сади мразење меѓу верските заедници. Го замолија и дедо Стефан да ми напише писмо. Бузаку е отпадник, дури и од Исламската вера. Судот се впушти во невидена авантура. ИВЗ нема да постои кога тој би бил реис, порача Реџепи

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата