УДБА И КОС дејствувале против албанската екстремна емиграција и сепаратистичките движења во Косово и Метохија, како и во северозападна Македонија. Но, за разлика од дејствувањето против хрватската радикална емиграција, акции биле насочени претежно во земјата.

Хрватската усташка емиграција има поддршка кај хрватските функционери. Тие имале московска разузнавачка школа и силни меѓународни контакти, како и историски капитал – Хрватите, со Илирското движење, се иницијатори на создавањето на првата и на втората Југославија.

Кога во 1991 година ќе се создаде самостојна држава Хрватска, во нејзиното раководство партиципираат претставници од радикалната емиграција заедно со домашниот кадар, во најголем дел произлезен од бивши високи функционери и офицери од УДБА и КОС.

Во Хрватска и хрватската емиграција се генерирале процесите кои потоа се случувале во Југославија, или во врска со неа. Од друга страна, албанската емиграција повеќе била инструмент, често и на хрватската емиграција и планови. Уште почесто на големите геостартешки сили за оставарување концепти во кои, сепаратистичките движења на Албанците во Југославија, биле средство, а не цел на процесите.

Кога во 1996 се случува повлекувањето на косовските Албанци од образованието, за нејзиното решавање посредува – Ватикан! Кога се подготвува формирање на ОВК (УЧК), и елиминација на старата емигрантска генерација, во физичката ликвидација помагаат германската БНД и француските служби за, потоа, на Косово ОВК да се бори под неформална команда на САД.

До 1996 година, односите меѓу радикалната албанска емиграција, и нивните соработници во Југославија, од една, и УДБА И КОС од друга страна – се спротивставени. Чести се и меѓусебните физички ликвидации.

Но, дали и од 1996 година е така?

По Дејтонската спогодба половина Босна е доделена на босанските Срби, Во тоа време Србија е без пари, и без државен концепт – што понатаму. Косово не плаќа даноци, а врзува трошоци за безбедност. За Србија е финансиски товар кој тешко се одржува, и безбедносен проблем за кој се нема долгорочно решение.

По долгите војни, мирот е закана за опстанок на власта.

Дали српската УДБА има удел во косовската криза во 1998/99, со која се планирало создавање недвосмислени услови за откачување на Косово, а присоединување на Република Српска кон Србија?

Косовската војна, според оваа теза, е тука да го неутрализира влијанието на војската против таквото решение, како и отпорот на јавноста и српската Црква кон планираната трампа. Дали Милошевиќ, заедно со шефот на УДБА Јовица Станишиќ, беа фатени, и запрени во расчекор. Одработија за осамостојување на Косово, а беа спречени кога дојде редот за наплата, за трампа со Република Српска?

Дали е случајно што, токму во тој период, доаѓа до масовни судири, и физички ликвидации меѓу албанската радикална емиграција. Воената организација ФАРК, е заменета со УЧК. Владата во Егзил на Бујар Букоши, под влијание на германската служба БНД, е елиминирана.

За САД, албанската емиграција од осумдесеттите, не е сериозна сила, и сериозна политичка гарнитура. Не се ни спомнати во Директивата за национална безбедност на Белата куќа, пласирана под број НСДД 133 од 1984 година – за позицијата на САД во процесите во тогашна Југославија.

До крајот на 1995 и Дејтон, Србија има сигурна контрола врз Косово.

Набргу по Дејтон, ОВК ги има првите три вооружени акции против српската полиција. Во 1998 се случуваат немири против Владата во Албанија. Премиерот Фатос Нано не може да воспостави ред. Се ограбува оружје од касарните и полициските станици кои не се употребува против Владата во Тирана, туку се носи во Косово и Македонија.

Кога во 1996/97 кризата на Косово се радикализира, касовските интелектуалци Ветон Сурои и Шкљзен Малиќи ќе бараат од своите Албанци на Косово да запрат протестите, а тие да се вратат во институциите на системот. Тоа накусо и ќе се случи. Потоа, настапува УЧК.

Според архивите на КОС и УДБА, како и публицистите од странство кои се обраќаат на оваа тема, видно е дека доаѓа до голем пресврт во одност на, тогаш веќе српската УДБА, кон случувањата во Косово. Се дозволува влез на радикалната емиграција, и потиснување на локалните косовски лидери кои бараат поголема самостојност, но не и вооружен конфликт во покраината, кој би создал повеќе илјади албански жртви.

КОС и УДБА со децении имале влијанија и контрола вра случувањата во Албанија и во Косово. Најпосле, КОС учествувал во создавањето на Енвер Хоџа, и албанската тајна полиција Сигурими. Зошто, одеднаш, УДБА теренот на Косово го препушта на радикалната албанска емиграција?

Емиграцијата влегува, по што и политички (но некои од нив и физички) ликвидира најголем дел од локалните лидери. Според Миранда Викерс, публицист кој објавува анализи во САД и Британија, случувањата на југот на Србија се финансираат од албанската емиграција во странство.

Не држат британските ставови, пишува Викерс, дека зад дејствувањата стои Албанија, а пред се Сали Бериша. Косовската дијаспора, која е десничарски ориентирана, нема толкав респект кон Сали Бериша, ниту кога бил опозиција, ниту кога е власт, смета Миранда Викерс. Центарот на нивната емиграција, според Миранда Викерс, одамна е преселен од Германија и Белгија, во Швајцарија. Тој германскиот период, според неа, е веќе заборавен, како што е заборавена и т.н. косовска Влада во бегалство, предводена од Бујар Букоши.

Швајцарскиот центар е создаден од албанскиот милионер Беџет Пацоли, кој живее во Италија, пријател на Борис Елцин, и предмет на корупсциска истрага на Карла Дел Понте пред нејзиното доаѓање во Хаг. Во Швајцарија, меѓу останатото, студирал и живеел лидерот на УЧК, Хашим Тачи, како и лидерите на македонската ДУИ, Али Ахмети и неговиот вујко Фазли Велиу.

Според анализата, емиграцијата од седумдесеттите наваму држи с¢ поголем дел од европскиот пазар на наркотици од кој, во голем дел, се финансираат политичките и воени движења на Албанците на просторите на бивша Југославија. Не е мала моќта ниту на Албанската емиграција во САД. Таму живеат над 400.000 американски државјани со албанско потекло.

Во воените судири во 1999 година, тие на Косово испратиле 385 доброволци, дојдени под име Атланска бригада.

Vecer.mk