Најмалку пет лица се убиени во семејна куќа во американската држава Јужна Каролина. Меѓу убиените има и две деца, пренесува „Си-ен-ен“.

Жртвите на масакрот кај Рок Хил се лекар, неговата сопруга и нивните двајца внуци, соопшти локалната полиција.

Тоа е семејство кое е добро познато во округот Јорк, изјави портпаролот на канцеларијата на шерифот, Трент Фарис.

„Д-р Роберт Лесли и неговата сопруга Барбара Лесли беа пронајдени во нивниот дом и починаа како резултат на истрели од огнено оружје, исто како и нивните двајца внуци. Исто така е пронајдено и телото на Џејмс Луис, кој работел од дома“, објавија од канцеларијата на шерифот во округот Јорк.

Убиените деца биле на возраст од 5 и 9 години. Едно лице е пренесено во болница со тешки повреди здобиени од истрели, потврди полицијата, опишувајќи го инцидентот како масовно пукање.

„Најдовме лице за кое веруваме дека е одговорно за овој напад. Тоа е сè што можам да кажам за осомничениот досега”, рече Фарис.

На новинарско прашање дали осомничениот е сосед на убиеното семејство Фарис, тој рече: „Живее на истата улица“.

Од канцеларијата на шерифот потврдија дека осомничениот за нападот бил фатен во соседна куќа.


makfax.com.mk