Енис Барди по пауза, поради повреда, од нешто повеќе од два месеци се врати на зелениот терен и веднаш покажа за каков маестрален фудбалер станува збор. Синоќа на мечот со Ваљадолид во Копа дел Реј, постигна прекрасен гол од слободен удар. Уште еднаш потсети дека е мајстор за вакви голови. Конечно го скрши малерот, имено по точно 842 дена тој “бомбардираше“ во дресот на Леванте од слободен удар. За последен пат тоа се случи на дуелот со Гетафе во Мадрид на 7 октомври 2018 година.

Со овој гол тој се зацврсти на втората позиција на играчи кои од слободни удари постигнале голови во Ла Лига, и тоа веднаш за недостижниот Лео Меси.

Одамна немав дадено гол од слободен удар, но не се оптоварував со тој податок. Видов дека има простор на таа страна и затоа таму и шутирав. Му се заблагодарив на стручниот штаб на довербата“ изјави Барди по мечот.